Иванов: Македонската револуционерна борба го симболизира стремежот кон слобода и државност

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба го симболизира континуитетот на македонскиот стремеж кон слобода и државност. На овој ден им оддаваме почит на македонските визионери и револуционери, на сите знајни и незнајни дејци и борци кои се бореа и изборија за нашата слобода.

Патот до слободата што на 23 октомври 1893 година го започнаа шестмината македонски родољуби, го изодеа и Илинденците од 1903-та и борците во Народноослободителната и антифашистичка борба од 1944-та. Патот до слободата конечно го завршија македонските граѓани, на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година.

Наша должност е да го исполнуваме заветот на предците – сложно и заеднички да ја чуваме нашата Република Македонија, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност. Македонија е една и единствена, а наша задача е да им ја предадеме на нашите потомци. Заедно и обединети да ја градиме иднината и напредокот на европска и евроатлантска Република Македонија. Оние кои мечтаеа за независна и демократска македонска држава може да се гордеат со генерациите што доаѓаат.

Нека ни е вечен Денот на македонската револуционерна борба!