Иванов: Медиумите да не бидат алатка за нечии интереси

Претседателот Ѓорѓе Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците истакна дека во Македонија постои деградација во медиумскиот простор, како и дека јавната пристојност и професионалност стана исклучок, наместо правило.

Тој додаде дека секој сноси одговорност за ваквата состојба.

-Поради фактот што медиумите се совест на општеството, нивните претставници треба да бидат најсилниот ревизор на работењето на институциите пред сопствените граѓани, порача претседателот.

Додаде дека претставниците на медиумите не смеат да дозволат да им наметнуваат правила и стандарди, да бидат мегдан за партиски препукувања и алатка за остварување нечии интереси.

– Не смеете да трпите какви било влијанија, како од политичарите, така и од другите моќници. Мора самите да се изборите за најдобрите решенија кои ќе овозможат медиумите да си го вратат достоинството и угледот. Медиумите мора се изборат за нивната вистинска улога во општеството. И јас сум бил новинар. Знам дека еден човек може себе си да се нарече новинар само доколку новинарскиот занает го разбере како одбрана на вистината. Како одбрана на јавниот и државниот интерес од самоволието и од посебните интереси на кој било, моќник, политичка партија, бизнис, религија…, рече претседателот Иванов.

Тоа, смета македонскиот претседател, е особено важно денес, кога Македонија се подготвува за избори.