Македонија,Политика

Иванов: Меѓу врвните приоритети ќе продолжи да ми биде економската дипломатија

Иванов: Меѓу врвните приоритети ќе продолжи да ми биде економската дипломатија

„Во мојата програма за следниот мандат меѓу врвните приоритети ќе продолжи да ми биде економската дипломатија. Каде и да одам, ќе продолжам да работам на привлекување странски инвестиции во Македонија, искористување на европските фондови и на претставување и пласман на македонските производи во странство.Има резултати. Виното се извезува како македонски бренд во многу земји во светот. Освен на западните пазари, нашето вино стигна и во Кина, во Русија,“ изјави Иванов пред кавадарчани.

Тој потенцираше дека винскиот туризам сè повеќе заживува.

„Светот го знае нашето вино и сака да ја запознае Македонија, земја на сонцето и виното, со нејзината традиција, културно наследство и храна.Затоа ни е еднакво важно унапредувањето на домашната патна и енергетска инфраструктура.Се подобрува патната врска Градско до Прилеп и Битола преку изградба на експресен пат од Градско преку Росоман и Дреново.Се реконструира регионалниот пат Кавадарци-Мушов гроб, но и локални патишта,“ изјави Иванов.

Тој потсети дека се донесени речиси две милијарди евра странски инвестиции.

„Исплатени се половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Тоа е работа за многу земјоделци и агрокомбинати и винарски визби. Тиквешијата веќе го менува ликот.Со нашата посветеност и со соработка се создадени околу 120.000 нови работни места во Македонија.

Тие работни места ги создава македонската економија со сопствените сили, државата со правната регулатива и со услови за водење бизнис и со странски инвеститори. Странските инвеститори стекнаа целосна доверба во нашата држава. Денес тие се нашите најголеми промотори во светот на бизнисот.

„„Дрекселмаер“, германската компанија од автомобилската индустрија, денес брои околу 4000 вработени. До крајот на 2014 година тој број треба да достигне до 4800 работници.Меѓу странските директни инвестиции што се започнати и е предвидено да се реализираат во 2014 година се и „Кофикаб“, производител на кабли од Тунис, директен доставувач на „Дрекселмаер“ и на Кромберг и Шуберт. Во моментот имаат неколку вработени за локалните потреби на компанијата, а во текот на 2014 година планираат да изградат фабрика во Кавадарци и да вработат до 150 работници.Продолжуваме и со активните мерки за вработување и самовработување на младите. Преку 2000 кавадарчани досега ја искористија можноста и учествуваа во овие мерки.Новите работни места ја движат нашата економија напред. Не се доволни напорите ниту на еден претседател, ниту на една влада, ако Македонија не инвестира во образование, знаење, иновации и нови технологии,“ изјави Иванов.