Иванов-Мета: Поддршка за членството на Македонија во НАТО

Сите со нетрпение очекуваме Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО, но и да постигне видлив напредок на патот кон европската интеграција, порача денеска во Скопје претседателот на Албанија, Илир Мета, по средбата со неговиот домаќин, македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

– Во таа насока го поттикнуваме продолжувањето на дијалогот за надминување на сите прашањата, кои претставуваат пречка на тој пат. Македонија како членка на НАТО, не е успех само за самата земја, туку и за целиот регион, бидејќи тоа претставува фактор за безбедност во овие турбуленти времиња, рече Мета на заедничката прес-конференција со Иванов.

Македонскиот претседател посочи дека Албанија и Македонија заедно почнале на патот кон НАТО, но откако Албанија стана членка, Македонија сега очекува нејзина поддршка во тој процес.

– Македонија очекува Албанија да ја повлече да биде членка на НАТО, да и помогне да добие покана за членство, а во однос на ЕУ се што досега Македонија има направено и сето нејзино искуство и стои на располагање на Албанија на нејзиниот пат кон ЕУ, додаде Иванов.

Во врска со можностите за зближување на народите на двете земји, но и на бизнис заедниците, според Иванов, неопходно е инфрастуктурно поврзување.

– Трговската размена на две толку блиски земји не е на завоволитено ниво ниво, рече Иванов и додаде дека според бизнис заедницата, главен проблем е инфраструктурата, односно железничкото поврзување, како и олеснување до пристапот до пристаништето во Драч.

 

 (МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.