Иванов: Младите да имаат безбедна и перспективна иднина

Во рамки на посетата на општина Гази Баба, претседателот Иванов и носителот на ИЕ 2 од ВМРО-ДПМНЕ,Гордана Јанкулоска, остварија средба со жителите на населбата Железара.Граѓаните ја изразија поддршката за досегашните заложби и политика на претседателот Иванов, како и за севкупните активности, мерки и реформи кои ги спроведува Владата.

Претседателот Иванов ја претстави својата изборна програма за новиот петгодишен мандат и посочи дека и во иднина во рамки на своите надлежности ќе придонесува за создавање услови со цел младите да имаат безбедна и перспективна иднина.

Граѓаните изразија поддршка на ставовите на Иванов во однос на спорот со името и одбраната на македонскиот идентитет, и ги поздравија неговите активности за економска промоција на државата. Воедно, на средбите беа разменети мислења околу тековните состојби и спроведување на можни проекти во интерес на граѓаните на оваа општина.

Жителите изразија задоволство од тековните зафати во општината со цел подобрување на инфраструктурата, пред се реконструкцијата на локалните патишта и проектите во рамки на комуналната инфраструктура. Воедно, беа поздравени планираните инвестиции и проекти во новата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ. Беше поздравена изградбата на новото основното училиште во Гази Баба, постојаното зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст, како и инвестициите во изградба на спортски терени.
Со цел подобрување на социјалната заштита, во општина Гази Баба е отворена народна кујна, дом за згрижување на стари лица, како и Шелтер-центар за жртви на семејно насилство.