Иванов му додели Орден на Факултетот за музичка уметност

орден

Истакна дека музичкото обрзование е важно во градењето здраво и хумано општество и дека тоа зависи не само од образовните институции, туку и од медиумите, концертите и фестивалите што се организираат, зависи од тоа каква музика се слуша во домовите и на веселбите, особено во последните години кога, за жал, како што рече, популарната музика се почесто е исполнета со тежок звук, шунд и евтини рефрени.

Затоа, ккао институции и поединци треба особено да внимаваме со што ги образоваме нашите најмлади, што им нудиме на нашите граѓани. Мора да ја негуваме, да ја афирмираме и да ја почитуваме нашата музика. Богатството на нашиот музички фолклор и квалитетната музичка продукција не смеат да бидат само дел од архив и од историја, туку жива култура постојано присутна во нашето секојдневие… Уверен сум дека овој Орден ќе биде поттик за натамошно успешно развивање на музичкото образование и за афирмација на македонското музичко творештво и на македонските музичари, рече Иванов, посакувајќи му на ФМУ уште многу години посветена и успешна работа.

В.д. деканот на ФМУ Зоран Пехчевски рече дека се она што е Македонија во музичка смисла денес се должи на Факултетот за музичка уметност заблагодарувајќи им на сите што произлегле од факултетот – од наставниците во основните училишта до големите уметници што настапуваат во Метрополитен или Карнеги хол од кои, рече, светот дознава и учи за Македонија и нејзината богата култура и уметност.

Да им се заблагодарам и на оние што својот живот го вградија во нивната едукација, од кои некои беа исклучителни композитори, некои големи уметници, а некои, чиишто имиња можеби не и се познати на пошироката јавност – исклучителни и големи педагози… По само 50 години дејност можеме со гордост да кажеме дека сме рамноправни партиципиенти на светската музичка сцена со оние кои потекнуваат од средини со многу постара и побогата традиција во областа на западноевропската класична музика. Сето тоа, веројатно, немаше да биде можно без Факултетот за музичка уметност и без неговата петдецениска дејност, истакна в.д. деканот, нагласувајќи дека ФМУ и натаму ќе биде на нивото на своите должности и ќе радува со уште многу успеси.

Јубилеј на ФМУ

Оваа образовна институција постои од 1966 година, најпрво како Висока музичка школа чиј прв директор бил Властимир Николовски. Наставата почнала во 1967 година и во првата година биле примени 60 студенти. Во 1973 станала членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, две години подоцна и на Меѓународната асоцијација на музички академии и школи со седиште во Женева, а во 1978 година Школата прераснува во Факултет за музичка уметност.

Денес во составот на ФМУ се пет катедри (Катедра за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање; Катедра за дувачки инструменти, удирачки инструменти и соло-пеење; Катедра за клавишни инструменти и харфа; Катедра за гудачки инструменти и гитара; Катедра за балетска педагогија), со вкупно 28 студиски програми на прв циклус и три студиски програми на втор циклус студии.

Покрај високообразовна, факултетот врши и научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката уметност. Во негови рамки работи Институтот за истражување и архивирање на музика – ИРАМ, како и повеќе ансамбли – Симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Народниот оркестар и Биг бендот.

До академската 2015/2016 година на ФМУ дипломирале 2356 на додипломските студии, магистрирале 461, а докторирале 21. Во 50-те години постоење факултетот  реализирал над 900 концерти, најголем дел од нив во своја организација – јавни часови, испити, рецитали, годишни и јубилејни концерти, а дел во соработка со други институции и фестивали.

За 50 годишниот јубилеј ФМУ вечер од 20 часот во Македонската опера и балет ќе изведе концерт на Симфонискиот оркестар на кој солисти ќе бидат сегашни и поранешни студенти од повеќе инструментални класи.