Иванов му рече на Палмер дека не го прифаќа договорот со Грција

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Метју Палмер вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија.
На средбата беше разговарано за актуелните политички состојби во Република Македонија и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.

Македонскиот претседател изрази очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка. Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија уште во 2008- година ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во НАТО мисиите, заедно со земјите-членки, Република Македонија го заслужува членството без дополнителни услови.

Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси.

На средбата, претседателот Иванов потенцираше дека одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион е од клучно значење за целиот европски континент.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.