Иванов: На Армијата да ѝ се даде она што ѝ припаѓа

Многу е важно да се води сметка за буџетот на Армијата и за животниот стандард на припадниците на Армијата. Бидејќи Армијата ја штити и границата, и сувереноста, и безбедноста и унитарноста на Република Македонија, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето по повод Денот на Армијата на Република Македонија.

Иванов истакна дека парадоксално е што Армијата на Република Македонија како институција постојано се истакнува со својата подготвеност и пожртвуваност, а секоја година нејзиниот буџет се намалува.

Колку повеќе се зголемуваат предизвиците, колку повеќе Армијата се ангажира, толку повеќе, од година во година, се намалува нејзиниот буџет. Притоа се очекува, со веќе намалениот буџет, Армијата де факто да ги извршува задачите на другите институции, вклучително и во справувањето со последиците од природните и од човекот предизвикани катастрофи, порача македонскиот претседател.  Затоа, рече Иванов,  барам на Армијата да ѝ се даде она што ѝ припаѓа, и она што ѝ е неопходно за да продолжи да биде штит на нашата независност и сувереност, и столб на нашата безбедност и стабилност.

Македонскиот претседател ја посочи и клучната улога на Армијата во справување со мигрантската криза, истакнувајќи дека 2500-те ангажирани припадници постигнаа нешто што поголеми и подобро опремени армии не успеале да го направат и успешно ја заштитиле не само Република Македонија, туку и Балканскиот мигрантски коридор и самата Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.