Иванов на аудиенција кај папата Франциско

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов  денеска во Ватикан беше на аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, неговата светост папата Франциско, а оствари средба и со државниот секретар на Светиот престол, кардиналот Пјетро Паролин.

На аудиенцијата  како дел од државно – црковната делегација предводена од претседателот Иванов, присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој го придружуваше Иванов на средбата со кардиналот Паролин во Апостолската палата.

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ Иванов вчера ја посети базиликата „Свети Климент” во Рим каде положи венец на гробот на Св. Кирил.

Македонскиот претседател ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде на негова иницијата во знак на благодарност од името на целиот македонски народ во 2015 година  беше поставена спомен плоча на македонски јазик во чест на словенските просветители, браќата Св. Кирил и Методиј. Иванов ја посети и базиликата „Сан Паоло”, каде положи цвеќе на гробот на апостолот Св. Павле.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.