Македонија

Иванов на Евроазиски економски самит

Иванов на Евроазиски економски самит

Светот не се менува, светот е веќе променет во процесите на глобална меѓузависност и субнационална фрагментација, и во економијата и во политиката, но она што се менува е нашата претстава за новата светска реалност. Затоа треба заеднички да придонесеме кон кристализирање на сликата за новата реалност, пишува МИА.

Ова го порача претседателот Иванов во поздравниот говор на 18-от Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара, што се одржува во Истанбул.

На форумот учествуваат актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците, од 40-тина држави, пишува МИА.

Економската глобализација, посочи Иванов, ја менува важноста на национално-политичките граници. – Меѓународниот економски поредок е сè повеќе глобален, а меѓународниот политички поредок е изграден врз суверена национална држава. Наместо енергетска сигурност сè повеќе има енергетска неизвесност, рече македонскиот претседател.

ivanov-samit1

Тој истакна дека на безбедносно-политички план, новиот хиперповрзан свет се соочува со нови предизвици и ризици кои создаваат неизвесност, несигурност и непредвидливост.

– Годинава одбележуваме 70 години од крајот на Втората светска војна која требаше да биде крај на сите војни, а сведоци сме на повторна ескалација на нетрпеливоста, фанатизмот и екстремизмот во светот. Затоа, нашата задача овие денови за време на самитот, преку многубројните сесии за телекомуникациите, информатичката технологија, за енергијата и транспортот, за патот на свилата и патот до мирот во светот, ќе биде да придонесеме кон кристализирање на оваа слика за новата реалност, рече претседателот Иванов.

Утре македонскиот претседател ќе се обрати на сесијата на претседателите на тема „ Патот до мирот: Каде оди хуманоста?”.

ivanov-samit2

Ова е петто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, што се организира секоја година од 1998 година.

Попладне, во рамки на форумот ќе се одржи посебна сесија на која министрите за странски инвестиции Џери Наумоф и Фуркан Чако ќе ги презентираат поволностите и можностите за инвестирање во  Македонија.

Мармара фондацијата е група за економски и општествени истражувања со цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и e призната од ОБСЕ, а преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка, со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.