Иванов на инаугурацијата: Нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име

Уставот врз кој се заколнав ме обврзува да го бранам уставното име на нашата држава. Затоа нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име – Република Македонија, нагласи претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето по дадената свечена изјава во Собранието.

Тој истакна дека нема да прифати идеи или предлози кои би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.

„Нашата заедничка визија се темели врз доверба меѓу државата и секој нејзин граѓанин. Верба дека државата ќе ги штити и унапредува интересите на граѓаните, нивните права и слободи. Верба дека Македонија може да успее и дека во Македонија може да се успее,“ нагласи Иванов.

Шефот на државата посочи дека кога станува збор за државните интереси, неопходно е Македонија да настапува со еден глас и јасен став, за да биде препознаена како стабилна држава и почитувана како одговорен партнер и сојузник.

Во однос на надворешната политика, Иванов потенцираше дека Македонија ќе остане доследна на европскиот и евроатлантскиот пат.

„Заслуженото членство на Република Македонија во НАТО е тест за посветеноста на Алијансата кон меѓународните договори и обврски. Почетокот на преговорите за членство во ЕУ е тест за кредибилноста на процесот на проширување на Унијата. Македонија го положи тестот за членство во НАТО, но Македонија го положи тестот за почеток на преговори за членство во ЕУ,“ нагласи македонскиот претседател.

Иванов потенцираше дека Република Македонија и македонските граѓани се придобивка за Унијата, само доколку влезат рамноправни во мозаикот на различностите на Европската унија, со својот идентитет и со своето достоинство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.