Македонија

Иванов на комеморација по повод 70 години од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау

Иванов на комеморација по повод 70 години од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска присуствува на комеморацијата што се одржува по повод 70-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау.

На комеморацијата пред „портата на смртта“ во Биркенау, се обрати полскиот претседател Бронислав Коморовски, претставници на преживеаните, а е претставена и кампањата „18 столбови на сеќавањето”.

Како што соопшти кабинетот на Претседателот, на комеморацијата, присуствуваат претставници на десетина европски земји, САД и Канада, меѓу кои претседателот на Франција, Франсоа Оланд, германскиот претседател Јоаким Гаук, австрискиот претседател Хајнц Фишер, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, холандскиот крал Вилхем-Александар, украинскиот претседател Петро Порошенко, литванскиот претседател Далиа Грибаускаите, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, словенечкиот претседател Борут Пахор, швајцарскиот претседател Симонета Сомаруга, премиерите на Норвешка и на Холандија, норвешкиот престолонаследник и други државници.

Пред почетокот на комеморацијата, претседателот Иванов и останатите шефови на делегации имаа можност да се сретнат со преживеаните од концентрациониот логор Аушвиц. Претседателот Иванов во оваа прилика потсети на трагичната судбина на македонските Евреи, што беа депортирани во логорот Треблинка.

Учеството на комеморацијата продолжува со оддавање почит на жртвите на Холокаустот и со собир на делегациите, на кои се очекува претседателот Иванов да оствари неформални средби со дел од учесниците.