Иванов на комеморацијата по повод 70 – годишнината од ослободувањето на Аушвиц

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ќе престојува во посета на Република Полска, по повод комеморацијата на 70 – годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау.

Според програмата, претседателот Иванов ќе присуствува на главната комеморација пред „портата на смртта“ во Биркенау, каде што ќе се обратат полскиот претседател, претставници на преживеаните и ќе се претстави кампањата „18 столбови на сеќавањето“.

На комеморацијата по повод 70 – годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, најавено е присуство на голем број шефови на држави и влади.

Присуството на македонскиот претседател на овој настан е во рамки на сеќавањето на жртвите на Холокаустот, меѓу кои се и најголем дел од Евреите од Македонија. Евреите се длабоко вкоренети во македонската земја, историја, традиција и култура уште од најраните времиња. Со сите свои верски, јазични и културни специфики, Евреите со векови придонесувале кон македонскиот модел на соживот. Соживотот и взаемното помагање биле насилно прекинати за време на Втората светска војна кога територијата на денешна Република Македонија стана плен на Третиот Рајх и неговите фашистички сојузници.

На 11 март 1943 година, фашистичкиот окупатор ги собрал речиси сите Евреи од окупирана Македонија, од градовите Битола, Скопје и Штип и ги депортирал во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка. 7144-те депортирани Евреи кои завршија во логорот на смртта – Треблинка, претставувале 98% од севкупната еврејска популација на окупирана Македонија, од кои дури 50% биле деца. Во 1944 година преживеаните ја возобновуваат Еврејската заедница во Република Македонија. Во спомен на овој значаен настан, на 19 декември 2014 година, на 70-годишнината од нејзиното возобновување, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов додели „Повелба на Република Македонија“ на Еврејската заедница во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.