Иванов на лидерски состанок на „Брдо Бриони“

Забрзана интеграција на целиот регион во ЕУ и НАТО е главна цел на состанокот на лидерите на „Брдо Бриони процесот“, кој денеска се одржува во Сараево, а на кој учествува и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Европските и евроатланските интеграции да се третираат како суштинско, а не како техничко прашање, се очекува да биде еден од заклучоците на денешниот самит на лидери. Од Сараево претседателите од регионот, јави известувачот на МИА, ќе порачаат дека билатералните разлики не смеат да бидат пречка и блокада на евроинтеграциите и дека неопходно е помирување и враќање на севкупната доверба меѓу државите, со цел непречена и засилена регионална соработка. За таа цел, потребен искрен и директен дијалог за надминување на разликите, заклучуваат лидерите на Брдо Бриони.

Македонскиот претседател ќе ја реафирмира потребата од максимално посветување и свртување на државите кон регионот и максимална соработка, особено во сферите на безбедноста и инфраструктурата. Имено, потребно е балканските земји да ги следат успешните модели на регионална соработка во Европа, како што се Вишеградската група, нордискиот и балтичкиот регион.

ivanov-brdo

Идната година, домаќин на состанокот на „Брдо Бриони процесот“ ќе биде токму Република Македонија и претседателот Иванов.

Според Кабинетот на претседателот, во заклучоците на овој состанок, покрај заложбите за брза интеграција на земјите од регионот во ЕУ и НАТО, првпат се вметнуваат и заложбите на државите за зајакнување на полова рамноправност, особено во сферата на лидерските позиции, како и борбата против семејното насилство и насилството врз жените.

Без разлика на навидум декларативноста во заклучоците, според дипломатски извори, овие состаноци се исклучително отворени, шефовите на државите без ракавици разговараат како за перспективите, така и за предизвиците за регионот.

На состанокот, на кој специјален гостин е претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, ќе учествуваат и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишании и на Косово Хашим Тачи.

„Брдо-Бриони процесот“ е инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година, со цел регионална соработка и решавање на отворени прашања. Сараево е четвртиот домаќин на лидерите на овој Процес. Првиот редовен состанок се одржа на Брдо, кај Крањ, на кој како специјален гостин присуствуваше францускиот претседател Франсоа Холанд. Вториот состанок се одржа во Дубровник, каде што присуствуваше и германската премиерка Ангела Меркел, додека третиот беше во Будва, со присуство на австрискиот претседател Хајнц Фишер. Имаше и еден вонреден состанок на кој домаќин беше претседателката на Хрватска Грабар-Китаровиќ, а специјален гостин американскиот потпретседател Џо Бајден.

По самитот во Дубровник почна Берлинскиот процес, она за што разговараа и се договараа претседателите на „Брдо Бриони процесот“ владите почнаа да го операционализираат. По Самитот на „Брдо Бриони“ во Будва, Берлинскиот процес продолжи со состанок на премиерите во Виена. Оваа година, по денешниот самит на претседателите во Сараево, Берлинскиот процес ќе продолжи со состанок на премиерите на земјите од„Брдо Бриони“ во Париз. По самитот следната годна во Република Македонија ќе продолжи со состанок на премиерите во Рим.