Македонија

Иванов на Меѓународна конференција за човечки развој во Баку

Иванов на Меѓународна конференција за човечки развој во Баку

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска за време на престојот во Баку, Азербејџан, ќе се обрати на Меѓународната конференција за човечки развој, во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и Светската Академија за уметност и науки, пренесува МИА.

Инаку, над 20 сопственици на компании од турско-азербејџанското бизнис здружение ТУСИАБ присуствуваа на бизнис-форумот што вчера се одржа во Баку на којшто беа презентирани потенцијалите за инвестирање во Република Македонија и поволностите за странски инвестиции.

Форумот, го отвори претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, изразувајќи уверување дека добрата политичка соработка меѓу двете земји ќе се ефектуира и на економски план.

Бизнисмените на средбата искажале интерес за инвестирање во градежништвото, особено во енергетскиот сектор.

Џем Илѓун од Текфен Констракшн, една од најголемите турски компании во градежништвото и нафта, кој работи во Азербејџан повеќе од 20 години и чиј последен проект на кој работеле е Олимпскиот стадион во Баку, завршен за рекордни две години, вели дека би сакале да дојдат во Македонија и да се запознаат со можностите за водење бизнис.

Тајфун Башарир од градежната компанија АГТ, која се занимава главно со изградба на патишта и мостови, смета дека Македонија нуди многу можности за инвестиции.

На форумот можностите за инвестирање во Македонија и поволната бизнис клима ги презентираше Климент Шеќеровски, заменик извршен директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Во турско-азербејџанското бизнис здружение ТУСИАБ членуваат над 300 компании со дејност во повеќе економски гранки. Само во градежништвото неговите членки досега имаат реализирано договори во вредност од 15 милијарди долари, имаат инвестирано над 7,5 милијарди долари во Азербејџан и вработуваат 60.000 лица.

Претходно, беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Школата за млади лидери на претседателот Иванов и Меѓународниот центар „Низами Ганџави“.

Македонскиот претседател ги посети просториите на овој центар, кој е еден од организаторите на 3. Глобален Баку форум.