Иванов: На меѓусебната доверба најмногу ќе влијае ако Грција ги деблокира евроатлантските процеси на Македонија

Најголемата мерка којашто ќе влијае врз меѓусебната доверба е доколку Грција ги деблокира евроаталнтските процеси на Македонија, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, кој во четвтокот престојуваше во земјава на средби со државниот врв.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција, информираат од кабинетот на претседателот Иванов.

Македонскиот претседател ја поздравил денешната посета на министерот Коѕиас на Република Македонија, како продолжение на досегашниот дијалог на министерско ниво и апелирал за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба, преку внесување на нови содржини во билатералната соработка и предлагање на дополнителни мерки.

„Најголемата мерка која ќе влијае на меѓусебната доверба и ќе создаде уште подобра атмосфера е ако Грција ги деблокира евроатлантските процеси на Република Македонија и овозможи да не ѝ се ускратува правото на просперитет“, истакнал на средбата претседателот Иванов.

Интензивирањето на севкупната соработка меѓу двете земји ќе придонесе во создавањето на позитивна клима, што е неопходно за надминување на билатералната разлика околу името, оцени претседателот Иванов на средбата со грчкиот министер за надворешни работи.

Македонскиот претседател го реафирмирал интересот на Република Македонија за одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, Иванов изразил надеж за средба со грчкиот колега по должност Прокопис, и покрај неговите чести критики кон Република Македонија, и изразил очекување дека реториката во иднина ќе биде поумерена со цел унапредување на добрососедските односи во духот на европските вредности и стандарди.

Во таа насока, претседателот Иванов изразил очекување дека грчкиот премиер ќе учествува на самитот на Брдо-Бриони Процесот, чиј домаќин идната година ќе биде претседателот Иванов.

 

„Минатиот период имав можност во повеќе наврати да разговарам со премиерот Ципрас и очекувам таа позитивна динамика на комуникација и соработка, особено за време на мигрантската криза, да продолжи и во наредниот период, како билатерално, така и во однос на проектите од регионално значење“, порача претседателот Иванов на средбата.

Двајцата соговорници размениле мислења околу можниот развој на мигрантската криза во идниот период, при што претседателот Иванов изрази подготвеност за продлабочување на соработката меѓу разузнавањето и полициските служби, во подршка на регионалната безбедност за заедничките закани и степенот на закана од илегалната миграција.