Иванов на одбележување 100 години од битката на Чанаккале

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов престојува во работна посета на Република Турција, на покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по повод свеченостите за одбележување на 100 годишнината од битката на Чанаккале, објави МИА.

Претседателот Иванов, како што информира неговиот Кабинет, присуствувал на главната сесија на конференцијата „Првата светска војна на нејзината 100 годишнина“, на која учествувале и премиерите на Турција, Австралија, Нов Зеланд и претседателот на Ирак, како и на вечерата која во чест на шефовите на држави и влади ја приредил претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. Претседателот Иванов учествувал и на свеченостите во меморијалниот центар на жртвите од Комонвелтот „Cape Helles Commonwealth Memorial“ во Чанаккале.

Покрај македонскиот претседател на церемонијата присуствувале државници од над 60 држави од целиот свет, меѓу кои дваесетина шефови на држави, премиери, министри, претседатели на парламенти, како и претставници на меѓународни организации.

Меѓу присутните бил и принцот Чарлс, кој имал свое обраќање во име на Сојузниците, претседателите на Ирска, Ирак, Азербејџан, Албанија, Црна Гора, Косово, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, емирот на Катар, како и премиерите на Австралија, Нов Зеланд, спикерот на руската Дума.

Во делегацијата предводена од претседателот Иванов е и началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески.