Иванов на проштална средба со амбасадорот Волерс

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Пол Волерс.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од одличните билатерални односи и од долгогодишното стратешко партнерство, меѓу Република Македонија и САД.

Претседателот Иванов, изрази благодарност за досегашниот придонес и ангажман на амбасадорот Волерс, во унапредување на билатералните односи и интензивирање на соработката меѓу двете земји, и искажа очекување дека продлабочувањето на политичкиот дијалог и соработката во сите сфери од заеднички интерес, ќе продолжи и во иднина.

Македонскиот претседател, се заблагодари за постојаната и силна поддршка што САД ја даваат во однос на реализирањето на нашите евро-атлантски интеграции, членството во ЕУ и во НАТО.

Амбасадорот Волерс, изрази задоволство од вршењето на дипломатската функција во земјава и искажа благодарност за поддршката од сите институции во Република Македонија. Тој додаде дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат евро-атлантските аспирации на Република Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи да ги негува пријателството и партнерството со Република Македонија.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорот г. Волерс му посака успех во натамошната работа.