Иванов на состанок на лидерите на „Брдо Бриони“

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на 28 и 29 мај 2016 година, ќе престојува во работна посета на Босна и Херцеговина, каде ќе учествува на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот” и на регионалната бизнис иницијатива „Самит 100″.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот Иванов, денеска во Сараево, претседателот Иванов ќе учествува на „Самит 100″, заедно со претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар- Китаровиќ,  претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Република Србија,  Томислав Николиќ, претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани и претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.

На годинешниот „Самит 100″,  насловен „Нов договор за ново време”, ќе учествуваат и бизнис лидерите и истакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа, а главни теми на дискусија ќе бидат одржливото снабдување со енергија, моделот на циркуларна економија, брендирање на регионот, транспорт и инфраструктура, создавање работна сила на иднината и кластер на автомобилската индустрија. На „Самит 100″, претседателот Иванов ќе биде придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, г. Џери Наумоф.

Утре во Сараево, претседателот Иванов ќе учествува на состанок на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот”. На состанокот ќе учествуваат претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар- Китаровиќ,  претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Република Србија,  Томислав Николиќ, претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, и претседателот на Република Косово, Хашим Тачи. Специјален гостин на состанокот е претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

На состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот” во Сараево, претседателите ќе разговараат за актуелните состојби во регионот, евроинтеграциите и проширувањето на Европската унија, како и за унапредување на регионалната соработка.