Иванов на средба со македонската заедница во Пустец

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска ја продолжува дводневната официјална посета на Албанија со средба со македонската заедница во општина Пустец и со градоначалникот Едмонд Темелко. Тоа ќе биде прва посета на Пустец на највисоко државно ниво, од претседател на Македонија.

Правата на македонската заедница во Албанија беа тема на вчерашната средба на претседателот Иванов со албанскиот претседател Бујар Нишани.

Пред посетата на Пустец, во Тирана е предвидена средба на Иванов со поранешниот албански претседател Бамир Топи.

Иванов вчера имаше средби и со премиерот Еди Рама, претседателот на Собранието Илир Мета, градоначалникот на Тирана Љуљзим Баша и со поглаварот на Албанската православна црква, Анастасиј Јунулатос.

Со албанскиот државен врв испратија пораки дека Македонија и Албанија имаат заедничка европска иднина. Добрите пријателски и политички односи, оценија, треба да се пресликаат и во економската соработка, а фокусот на идните активности да биде инфраструктурното поврзување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.