Иванов на Светски хуманитарен самит: Средби со Ердоган, Ципрас и Церар

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов за време на Светскиот хуманитарен самит во Истанбул оствари средби со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и со премиерите на Грција и Словенија. Алексис Ципрас и Миро Церар.

На средбата со турскиот претседател двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција и подготвеност за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Во разговорите, претседателите разменија мислења и информации за состојбите со мигрантската криза, за актуелните политички состојби во земјите, како и за прашања поврзани со енергетската безбедност и гасоводни проекти.

Ердоган го информираше Иванов за состојбите и предизвиците со кои се соочува Турција во однос на бегалската и мигрантската криза, како и во борбата против тероризмот. Во тој контекст го информираше и за спроведувањето и перспективите на Договорот ЕУ-Турција за справување со мигрантската криза.

Македонскиот претседател го информираше неговиот турски колега за мерките и активностите кои ги спроведува и презема Република Македонија за справување со кризата. Претседателот Иванов го запозна претседателот Ердоган со состојбите и заканите на нашата јужна граница, кои се предизвикани од зголемениот степен на илегална миграција и неодамнешните насилни обиди за илегално влегување на македонска територија.

Иванов изрази очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот НАТО самит во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата.

Двајцата претседатели се согласија дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во насока на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од тероризмот, насилниот екстремизам и илегалната миграција.

На средбата сo премиерот на Грција, Алексис Ципрас се разговараше на повеќе теми во контекст на билатералните односи, предизвиците од мигрантската криза и актуелните политички и економски состојби во двете земји. Во однос на билатералните односи двајцата соговорници ги поздравија напорите што се прават преку имплементацијата на мерките за градење на доверба и се заложија за почести контакти на високо и највисоко ниво. Во таа насока се разговараше за заеднички проекти за инфраструктурните поврзувања и прекуграничната соработка.

Соговорниците се согласија дека треба да се работи на унапредување на економските врски меѓу двете земји. Премиерот Ципрас извести за актуелните економски состојби во Република Грција и предизвиците од мигрантската криза.

Претседателот Иванов, на интерес на соговорникот, истакна дека политичкaта криза во Република Македонија трае предолго, дека е потребно што е можно побрзо да се стави крај на истата и дека единствениот начин за тоа е спроведување на фер и демократски избори.

Двајцата соговорници разменија мислења за бегалската и мигрантската криза особено за состојбата во бегалскиот камп Идомени и обидите за илегални премини во Република Македонија. Претседателот Иванов и премиерот Ципрас се согласија дека треба да се внимава како на хуманиот така и на безбедносниот аспект на кризата.

На средбата со словенечкиот премиер, Миро Церар, двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на билатералните односи и соработката и разменија мислења и информации за мигрантската криза, за состојбите во регионот, како и за актуелните политички и економски состојби во двете земји.

Премиерот Церар упати честитки и благодарност за улогата на Република Македонија во справувањето со бегалската криза.

-Македонија направи и прави голема работа за Европа, истакна Церар.

За време на средбата, претседателот Иванов го информираше премиерот Церар за политичката состојба во нашата држава.

-Предолгата политичка криза во Република Македонија сериозно влијае на капацитетите на државата за соочување со предизвиците, како мигрантската криза и безбедносните аспекти поврзани со истата. Неопходно политичките лидери да покажат одговорност кон интересите на граѓаните и државата, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов побара позасилен ангажман од Словенија во насока на остварување на македонските стратешки цели и приоритети, членствата во ЕУ и НАТО.

На Светскиот хуманитарен самит кој за прв пат се одржува денеска и утре во Истанбул,  учествуваат околу 5.000 учесници, вклучувајќи шефови на држави и влади од шеесетина земји, лидери од кризните региони, раководни лица на меѓународните организации, претставници на приватниот бизнис сектор, како и преставници од граѓанскиот сектор. Меѓу учесниците на самитот се Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун, германскиот канцелар Ангела Меркел, претседателите на Турција, Хрватска, Албанија, Црна Гора, Украина, Реџеп Таип Ердоган, Колинда Грабар Китаровиќ, Бујар Нишани, Филип Вујановиќ, Петро Порошенко, претседавачот со босанското претседателство, Бакир Изетбеговиќ, како и премиерите на Грција, Бугарија, Холандија, Словачка, Словенија, Полска, Алексис Ципрас, Бојко Борисов, Марк Руте, Андреј Киска, Миро Церар, Беата Шидло.