Македонија

Иванов: Наградата на слободата покажува дека Македонија е позитивен пример во регионот

Иванов: Наградата на слободата покажува дека Македонија е позитивен пример во регионот

Претседателот Ѓорге Иванов ја доби Наградата на слободата за 2014 година од Фондот за американски студии. По овој повод тој изјави дека Македонија е пример во регионот како треба да се спроведуваат реформи, откако вчера на Карловиот Универзитет во Прага му беше врачена престижната награда од Фондот за американски студии, со седиште во Вашингтон.

„Оваа награда не е само чест, туку и обврзува. Обврзува да се промовираат идеите за слободата, за демократијата и за просперитет. Оваа награда не е само лично за мене, туку е и награда за Република Македонија, бидејќи се препознаени сите реформи, сите зафати, сето она што го прави Македонија за да има успешна економија. Сите реформи што се преземени даваат резултати и тоа некој го следи и го наградува. Така што, Македонија во тој поглед, и преку ова награда, е позитивен пример за регионот како треба да се спроведуваат реформи во сферата на економијата, за да се добие што повеќе благодет и што повеќе работни места да се отвораат за младите луѓе, проблем што не е само наш, туку и на целиот континент“, изјави претседателот Иванов вчера попладне во Прага.

Во образложението на наградата од Американскиот институт за политички и економски системи на Фондот за американски студии се вели дека претседателот Иванов е одбран да ја прими наградата поради неговите постигнувања во промоцијата на економските слободи, намалувањето на данокот и невработеноста, зголемување на транспарентноста и подобрување на јавното образование.

„Претседателот Иванов предводеше политички реформи, што доведоа до подобрување на судскиот систем, промовираа транспарентност и ја намалија корупцијата. Овие политички и економски реформи ја доведоа Македонија поблиску до исполнување на стандардите за пристапување во Европската унија. Во полето на регионалната соработка на политички и економски план, претседателот Иванов значително ги прошири дипломатските врски на Македонија, одржувајќи над 200 билатерални средби со шефови на држави и повеќе од 150 средби со премиери и шефови на дипломатии“, рече г. Вилијам Бил Хибл, претставувајќи ја наградата за претседателот Иванов.

Наградата на Фондот за американски студии се доделува секоја година на истакнати лидери од источна и централна Европа, за нивните достигнувања во промовирањето на демократските вредности и економската слобода во нивниот регион.

Меѓу досегашните добитници на наградата се поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Чешката Република Вацлав Клаус, поранешниот полски претседател Лех Валенса, како и поранешниот шпански премиер Хозе Азнар.

Престижниот фонд, со седиште во Вашингтон, формиран во 1967–та година, организира програми за студенти од САД, Европа, Блискиот Исток, Азија и Латинска Америка чии што интереси вклучуваат сфери како политички лидерства, новинарство, надворешни работи, бизнис итн.