Иванов: Нашиот став е јасен- сите отворени прашања ги решаваме со дијалог

Република Македонија активно и посветено придонесува кон глобалната безбедност и стабилност. Но, не смееме да заборавиме дека безбедноста започнува дома, порача Ѓорѓе Иванов, на денешното претставување на програмата.

Како врховен командат, во делот на одбраната, посочи ќе продолжи да презема мерки за одржување на безбедноста и стабилноста на државата.

„Стратегијата за одбрана што ја донесовме во 2009 година треба да ги даде резултатите. Треба да продолжи опремувањето и модернизацијата на Армијата. Целосно ќе го заокружам тековниот процес на трансформација на Армијата на Република Македонија до крајот на 2015 година, во согласност со новата организациско-формациска структура. Република Македонија ќе продолжи со ангажманот во меѓународните мировни мисии. Како сојузник, Македонија досега ги споделува само одговорностите, обврските и ризиците. Крајно време е да ги споделиме и придобивките што ги носи полноправното члество во НАТО. Затоа, ќе инсистирам нашите сојузници во НАТО да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Македонија води политика на добар сосед. Постојано истакнувам дека добрососедските односи се двонасочна улица. Нашиот став е јасен – сите отворени прашања да ги решаваме со дијалог,“ рече Иванов.

Како претседател на земја со длабока традиција на преплетување на културите, религиите и цивилизациите, тој најави дека ќе продолжи активно да го промовира дијалогот, македонскиот модел на соживот и отвореност.

„Од овие вредности се водиме и во нашата регионална соработка. Ќе промовирам нова етапа во регионалната соработка. Крајно време е да започнат конкретни проекти и да даваат конкретни резултати. Идејата за довршување на Јадранско-јонската магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8 да стане реалност.Како и досега, активно ќе учествувам на сите регионални и глобални форуми каде што интересите на Република Македонија ќе можат да бидат заштитени и промовирани.Отворени сме, подготвени сме за дијалог и соработка, но нема да дозволиме да се зборува и да се одлучува за нас, без нас,“ порача претседателот и кандидат за истата функција.

Државата има обврска да ги чува, да ги негува и да ги унапредува соживотот и заедништвото.

„Сите се раѓаме исти под ова сонце, без разлика на етничката, верската или која било друга припадност.Македонија е држава во која владее правото. Сите сме еднакви пред законите. Со почитувањето на уставно-правниот поредок имаме гарантирани права и слободи на граѓаните. Ќе се залагам за градење на културата на почитување на законите. Само во државата граѓаните ја остваруваат слободата и ја уживаат безбедноста. Во државата, граѓаните можат да имаат квалитетен живот, да живеат во благосостојба, да создаваат и да творат. Тоа се постигнува само со напорна работа,“ порача Иванов.