Иванов не замина во Сочи, се расипал авионот

Владиниот авион, со кој претседателот Ѓорѓе Иванов со сопругата Маја, утрово требваше да полета за Сочи на отворањето на зимската Олимпијада, не полета, пишува Вест.

Претседателот требаше да замине за Сочи во седум часот утрово. Делегацијата влегла во авионот, но и по час и половина чекање авионот останал на писта на аеродромот Александар Велики во Скопје.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) за Вест изјавија дека авионот со претседателот не полетал од технички причини.

„Согласно Законот и правилниците, одлука на операторот е доколку од технички причини не може да се обави летот, да не го реализира,“ изјави за Вест, Дејан Мојсоски, директор на АЦВ.

Кога и како претседателот Иванов ќе заминеза Сочи, за со другите светски државници да присуствува на отворањето на Олимпијадата, од Агенцијата велат дека за сега нема информации и дека се чека на одлуката на технички и на стручни лица кои треба да дадат препорака што понатаму со авионот – дали ќе го поправаат овде или ќе се носи на сервис.