среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 42

Иванов: Неопходно е да градиме чувство за државен интерес

ivanov

Последни вести

Неопходно е да изградиме доверба во нашата држава, да градиме чувство за државен интерес и Македонија да ни биде пред сè, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов на свеченоста по повод 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија, коментирајќи ја актуелна политичка криза.

– Наместо во овие 25 години да се ослободиме од тие погубни поделби, ние уште повеќе ги негуваме и го продлабочуваме јазот меѓу нас. Како? Со неодговорно однесување. Неодговорното однесување на политичките противници ѝ нанесува штета на државата. Кризата како да стана наше секојдневие. Се дозволи странците да се грижат за нас, повеќе од самите нас. Се дозволи други да ни го моделираат политичкиот и правниот систем. Се дозволи личниот и партискиот да бидат над државниот интерес, констатираше Иванов.

Истовремено, според шефот на државата, сведоци сме на замаглување на просторот меѓу информацијата и манипулацијата, бидејќи, како што рече Иванов, сега и со информацијата се манипулира.

– Тоа раѓа сомнеж кој е речиси сеприсутен. Некој луцидно рекол дека ниту минатото веќе не е она што беше. Сега речиси сè се доведува во прашање, вклучително и довербата во државата, вели Иванов.

Тој додаде дека цената на губењето на таа доверба е превисока.

– Во овој напнат амбиент како да забораваме дека го имаме она што многу народи сè уште го немаат – сопствена држава. Многу народи го посакуваат она што ние го имаме, но не го почитуваме и го земаме здраво за готово. Тешко е да се стекне, но уште потешко е да се сочува државата. Милионите мигранти упатени кон Европа се јасно потсетување за оваа вистина. Затоа, неопходно е да изградиме доверба во нашата држава. Да градиме чувство за државен интерес. Македонија да ни биде пред сè, рече претседателот Иванов.

Во изминативе 25 години, посочи тој, имавме сосема доволно време да расчистиме со старите догми и претстави за Македонија, кои се создавани за нечии други и туѓи интереси и имавме доволно време да свртиме нова страница и да ги напуштиме погубните поделби.

– Имаме многу кратко време, до крајот на оваа година, да го поправиме впечатокот што идните генерации ќе го имаат за нашата генерација, читајќи ги записите што ќе ги оставиме зад нас, во aрхивите. Затоа, пред секој збор што ќе го изговориме, пред секоја одлука што ќе ја донесеме, треба добро да размислиме и да се прашаме: Како сè уште неродените ќе гледаат на нашата генерација? Што нашите потомци ќе мислат за нашиот четврт век независност? Со каква содржина ја испишуваме нашата страница од современата македонска историја? И дали се водиме од желба за лична слава и политички рејтинг или од чувство на одговорност кон оваа и идните генерации, рече претседателот Иванов, на свеченоста по повод 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија.

Најчитани вести