Иванов-Нишани: Европската иднина не обединува

Македонија и Албанија имаат заедничка иднина. Со поинтензивна економска соработка, негување на добрососедските односи и заемна доверба ќе се обезбеди европска иднина и подобар стандард за своите граѓани, но и капацитет за заеднички одговор на актуелните предизвици, порачаа по денешната средба во Тирана претседателите на Македонија и на Албанија, Ѓорге Иванов и Бујар Нишани.

– Очекувам да се интензивира соработката на сите нивоа, да се подобруваат состојбите во сите сфери на заеднички интерес затоа што живееме во време кое носи многу предизвици и од безбедносен и од геополитички карактер, кога се отвораат многу прашања кои бараат заеднички одговор и настапување. Како две соседни земји заедно да настапуваме и кон безбедносните ризици и кон перспективите и развој на економијата и инфраструктурата, порача Иванов, кој од денеска престојува во официјална посета на Тирана.

Македонија и Албанија, истакна Иванов, ги обединува иднината и имаат цел да бидат дел од Европската унија. – Не го правиме тоа за да угодуваме на администрацијата во Брисел, туку нашите граѓани да ги уживаат сите европски стандарди и принципи во нивниот секојдневен живот, рече Иванов.

Од својот албански колега побара поддршка за членството на Македонија во НАТО. – И Македонија и Албанија заедно тргнаа кон НАТО, но Македонија беше блокирана и тоа, според одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, на нелегален начин. Нашиот јужен сосед ја блокира интеграцијата во НАТО, а истото сега го прави и нашиот пат кон ЕУ. Затоа ја очекуваме албанската поддршка и помош за Македонија да го добие она што го заслужува – да биде членка на НАТО, потенцира Иванов.