Иванов очекува системска реформа во системот за национална безбедност

Заштитата на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформана системот за национална безбедност треба да бидат двата клучни приоритети на новата Влада, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во своето Годишно обраќање.

„Овие приоритети се неопходни, пред се, поради бројните закани со кои се соочуваме и внатрешните слабости кои ги имаме. Последиците од конфликтите во регионот на Северна Африка и Блискиот Исток, илегалната миграција, активностите на странските терористички борци и нивните поддржувачи, транснационалните криминални мрежи, насилниот екстремизам, радикализам и интересите на разни центри на моќ влијаат врз поларизација на македонското општество. Тие можат да предизвикаат идни внатретнички, меѓуетнички, и меѓурелигиски тензии во Македонија. Постои навистина висок ризик за внатрешната безбедност од надворешните закани со кои се соочуваме. Не само ние, туку и целиот наш регион, цела Европа. Поради ваквиот сооднос меѓу надворешните закани и внатрешните слабости неопходни се таквите системски реформи“, рече претседателот Иванов во обраќањето.

Според претседателот Иванов, разузнавањето, Армијата на Република Македонија, граничната полиција, службите за спроведување на законите и обвинителството мора да се трансформираат за да ја заштитат националната безбедност на државата, согласно промените на предизвиците и заканите со кои се соочуваме.

„Веќе 15 месеци сме во прогласена кризна состојба за заканата од илегалната миграција. Таа кризна состојба ќе продолжи и понатаму. Затоа, не смееме да дозволиме по изборите политичката криза да прерасне во институционална криза“, рече претседателот Иванов во годипното обраќање, што го одржа денеска од неговиот кабинет.