Иванов: Очекувам структурите на НАТО да не бидат заложница на Грција

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов очекува на претстојниот самит на НАТО конечно Македонија да стане членка на НАТО, а Грција да покаже свест за она што се случува во регионот и своите себични интереси да не ѝ бидат основа за да ја држи нашата земја во заложништво.

Одговарајќи на новинарски прашања по традиционалната посета на првиот ден од новата година на војниците во касарната „Чојлија“, претседателот Иванов рече дека од македонска страна е сѐ исполнето.

„Се надевам дека овој нареден период структурите на НАТО нема да бидат заложници на една нејзина членка која поаѓа, пред сѐ, од своите интереси, а не од интересите на НАТО и од состојбата во целиот регион. Очекуваме на претстојниот самит на НАТО тоа да биде изложено и Македонија конечно да стане членка на НАТО. Тоа што Грција го бара е во рамки на Обединетите нации и таму се води спорот за името. Таму ние активно учествуваме сиве овие години, но се соочуваме со барања кои не се во согласност со Повелбата на ОН и резолуциите на ОН кои не соодејствујваат со билатералната спогодба, која доброволно Грција ја прифатила, а не ја исполнила“, рече Иванов.

Запрашан за неговите очекувања од бугарското претседавање со Европската унија, претседателот Иванов оцени дека тоа што Македонија покажала добрососедски односи кон Бугарија, укажува дека перманетно сака сите отворени прашања да ги затвара.

„Покажана е подготвеноста и очекувањата од Македонија кога ќе претседава Бугарија со ЕУ, односно конечно да добиеме датум за почеток на преговорите. Тоа е долг и мачен процес, но ние сме подготвени и нашата администрација е подготвена. Сите прашања кои произлегуваат од нашето прилагодување со ЕУ, се исполнети во текот на преговорите. За разлика од НАТО каде сме блокирани на крајот на целиот процес, проблемот е што кога требаше да добиеме покана за членство во ЕУ, Грција нѐ блокира на самиот почеток, со тоа што таа не дозволува да добиеме датум за почеток на преговори за да ги затвориме поглавјата со кои Македонија треба да воведува европски стандарди, критериуми и принципи. Таа блокада скапо нѐ чини, но досега не видовме дека на некој на кој и да е начин ѝ укажал на Грција за штетата што ѝ ја прави на Македонија и на целиот регион“, истакна Иванов.

Во однос на ставот на Македонија во Обединети нации за прашањето за Ерусалим, претседателот Иванов рече дека одлуката е донесена од Владата и оти тоа е нејзина одговорност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.