Иванов: Очекувам фер избори како што и доликува на една европска земја

Претседателскиот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и досегашен претседател Ѓоре Иванов, денеска гласаше со сопругата и со синот во гимназијата „Јосип Броз Тито“.  

На двојните избори, за претседател граѓаните избираа меѓу  Иванов и кандидатот на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски,  а за предвремените парламентарни избори поднесени се 14 листи со кандидати, за 123 места во Парламентот. Листи се поднесени од пет коалиции и девет политички партии.

Иванов, по гласањето посочи дека очекува изборниот процес да мине во фер и мирна атмосфера, а по изборите ветеното во политичките кампањи да почне да се исполнува.

„ Денсека со сопругата и со синот го остваривме правото на глас и очекувам и најголем дел од граѓаните тоа да го сторат тоа. Очекувам овој изборен ден како и првиот круг на претседателски избори да помине во демократска фер и мирна атмосфера што и’ доликува на една европска земја, европска Македонија. По изборите очекуваме оние кои ќе ја добијат довербара на граѓаните да ги остварат сите ветувања од кампањата за да имаме успех и просперитет на цела Македонија и на сите граѓани“, истакна Иванов

За претседател ќе биде избран кандидатот кој на вториот круг од изборите ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.