Иванов од Делчево: Видовме што значи кога се работи посветено

Но, видовме и што значи кога се работи посветено, кога се делат субвенции. Видовме што значи кога се посветува внимание на источна Македонија. Кога се градат патишта и кога се пробива автопат, рече претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓорге Иванов попладневно на митинг во Делчево.

„Кога се создава инфраструктура да можат да доаѓаат странски инвеститори. Видовме што значи кога се прави универзитет во Источна Македонија. Видовме што значи кога се отвораат фабрики низ Македонија. Е тоа е новиот лик на Македонија. Но за да се дојде до ова требаше години и години да се спроведат реформи, да се спроведат многу закони. Требаше да настапуваме единствено, секаде каде што одиме. И јас како Претседател, и Премиерот и министрите. Секаде да кажеме дека во Македонија се создава амбиент и за странски инвестиции и подеднакви услови за домашните бизнисмени“, нагласи Иванов во говорот.

Иванов вели сто тоа не остана не забележано и дека сега може да се види како се отвораат фабрики низ Македонија и како се вработуваат луѓето.

„Во услови на најтешка криза, дојде една млада екипа на чело на Македонија, предводена од премиерот Груевски, и почна да ја менува Македонија. Кога сите големи економии тешко се справуваа со предизвиците од кризата од 2008 година, во Македонија се отворија 120 илјади нови работни места. Се отворија многу индустриски зони. Сето тоа придонесе за економијата да расте. Кога расте економијата во државата, се расте. Растат и платите, растат и субвенциите, растат и пензиите и стипендиите. Секоја група население во Македонија може да почувствува дека нешто се менува во државата“, рече Иванов.

Тој додаде дека се уште има многу да работи, особено во Делчево.

„На Делчево му требаат нови работни места. На Делчево му требаат инвестиции. Да се отворат фабрики, погони. На Делчево му треба младите да остануваат тука. Да работат и да живеат со свој труд и со свој ум. Затоа сме посветени на сите делови од Македонија, но особено на источна Македонија“, истакна претседателскиот кандидат.

Иванов истакна дека во последните години се издвоени 500 милиони евра за субвенции во земјоделието.

Но, само минатата година извозот на земјоделски производи од Македонија ја врати целата таа сума. Извозот на земјоделски производи минатата година беше 500 милиони евра. Е така се работи за луѓето во Македонија. И на село убаво да се живее. Да се живее и од земјоделие“, рече Иванов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.