Иванов од Неготино: Мора да се води грижа за младите

Мора да се води грижа за младите, порача денеска претседателскиот кандидат од ВМРо-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, на митингот во Неготино.

„Покажав дека мора да се води грижа за младите. На младите да им дадеме можност, сето знаење и умеење што го имаат, да го користат во интерес на Македонија. Затоа ја фомиравме и „Школа за млади лидери“. Затоа што на Македонија и требаат водачи,  луѓе кои што знаат да создаваат тимови, луѓе кои што знаат да решаваат проблеми. Ние сме сега тука затоа што ја имаме вашата доверба, но треба да обезбедиме и тие што ќе дојдат после нас, да знаат како да се справуваат со сите предизвици што ги имаме како држава“, рече Иванов.

Воведовме и многу други новини, рече тој, како што е признанието „Најдобар млад научник“.

„Преку овој натпревар видовме колку млади научници имаме во Македонија. Понатаму, воведовме и многу промоции за младите и спортот. Ја воведовме иницијативата,  преку спортот младите да учат да се почитуваат меѓусебе,  да го почитуваат противникот и да го учат бон-тонот. Во Македонија има различни етнички групи и религиозни групи. Но кога создаваме тим, мора да знаеме како да дојдеме до победа. Истоврмено и да го почитуваме противникот. Да ги почитуваме правилата на игра. Кога ќе го научиме тоа во животот,  ќе знаеме како да ги почитуваме и другите. Затоа е важно и младите да ги воведеме во тоа“, потенцираше Иванов.

Многу внимание, како што рече тој, беше посветено и на студентите.

„Со сите најдобри студенти, од сите државни универзитети, остварив средба. Со цел да ги пренесат  нивните ставови, со што се соочуваат при нивното студирање и како тие ја гледаат својата иднина. Како можат да придонесат за Македонија. И не само студентите. Вратите на мојот Кабинет беа постојано отворени за граѓаните, за нови идеи и нови иницијативи.  Во изминативе пет години во мојот Кабинет сум примил над пет илјади граѓани од Македонија“, рече Иванов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.