Иванов од Ново Село: Да продолжиме да работиме за Македонија- тимски и победнички

Кандидатот за претседател на владејачката коалиција, Ѓорѓе Иванов, имаше свое обраќање пред поддржувачите од струмичко Ново Село.

„Ме радува средбата со градоначалникот и сите негови планови за Ново Село. Ме радува нивната упорност во Ново Село да се користат ИПА фондовите, програмите за преку гранична соработка, со кој е предвидено во Ново Село да се изгради целосно нов сточен пазар и да се изврши реконструкција на постоечкиот зелен пазар. Се планира изградба на зграда за продажба на млечни производи“, рече Иванов.

Вие сте вредни луѓе, рече тој, луѓе кои имаат  свои традиции, свои производи, кои веќе се извезуваат од Македонија. Затоа го помагаме земјоделието.

„Затоа во последниве години се издвоени 500 милиони евра за земјоделието. Затоа се помагаат и сточарите. Се помагаат сите производители во Македонија. Тоа е успехот на Македонија. Затоа и ги поддржувам овие млади луѓе, кои пред неколку години дојдоа на чело со Груевски.  Затоа ги подржувам и работиме како тим. Работиме за Македонија. Работиме за граѓаните на Македонија. Без разлика на етничка, верска или било која припадност. Сите сме ние Македонија. Секој од Вас го чувствува успехот и просперитетот на Македонија. И тоа во услови кога  постоеше голема, голема криза од 2008 година кога најсилните економии не можеа да се справат  со тие предизвици. Македонија отвори 120 илјади нови работни места. Тоа е новиот лик на Македонија, во која се градат автопатишта. Се реновира пругата. Тоа е Македонија во која се градат фабрики, а се вработуваат младите луѓе. Младите луѓе да остануваат и да живеат во Македонија, со својот труд и со својот ум“, потенцираше Иванов пред присутните.

Затоа инвестираме во образованието, рече Иванов, затоа што најисплатлива инвестиција е кога се инвестира во себе.

„Затоа сме горди на нашите луѓе, кога ги среќаваме по странски универзитети. Но, горди сме и на нашите спортисти кои победуваат, горди сме кога ни носат победи. Затоа што и тие се пример како се успева кога се работи како тим. Ни требаат тимови насекаде.  Затоа ја основав и Школата за млади лидери. Ни требаат луѓе кои што знаат да предводат. Ни требаат лидери не само во политиката, во економијата, ни требаат и во културата, во спортот, во земјоделието, секаде ни требаат млади луѓе кои знаат да создаваат тимови и да победуваат“, потенцираше тој во Ново Село.

Во овие пет години, како што нагласи Иванов, бев во многу светски метрополи, на многу настани.

„Се сретнав со многу светски лидери. Насекаде зборував за Македонија. Секаде бев вашиот глас. Затоа имам чист образ да дојдам повторно  и да барам од вас доверба. Прв пат во историјата на Македонија еден Претседател работи според програма и дава отчет на таа програма. Затоа сум со чист образ и со дигната глава пред барам повторно доверба. Да продолжиме да работиме за Македонија. Тимски и победнички. Кога се работи тимски и успесите насекаде би биле видливи“, нагласи Иванов.

Конечно економијата во Македонија расте, рече претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а кога расте економијата, растат и пензиите и субвенциите растат.

„Опаѓа само невработеноста. Кога дојде овој млад тим на чело на Македонија имавме 39 отсто невработеност. Сега е 28 отсто. Во Македонија се отвораат нови работни места. Се создаваат услови за младите луѓе, својата среќа да си ја бараат во Македонија. Заедно со нив да успее Македонија“, истакна на крајот Иванов.