Иванов: Со чист образ повторно ја барам довербата за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност

Пред пет години, од ова исто место, на чист понеделник, ви порачав дека со чист образ тргнувам да ја освојам довербата на граѓаните за избор на претседател на Република Македонија. Денес повторно, од ова исто место, повторно во понеделник, со чист образ повторно ја барам довербата, за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност да работам за Македонија.

Вака кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов го започна своето обраќање на централниот митинг кој вечерва се одржа во Охрид.

Иванов посочи дека како претседател на Република Македонија, имал одлична соработка со премиерот Груевски и со министрите, со пратениците и со одговорните луѓе на бројни државни институции. Но, сеуште има проекти кои треба да се реализираат и токму тоа го исполнува и мотивира да продолжи понатаму.

„Денес, кога се наоѓам меѓу два мандата, јас не земам здив, туку земам залет! Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, стопанственици, претставници на цивилното општество, културата, науката, спортот, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество: Европа во Македонија и Македонија во Европа, држава и економија кои создаваат нови работни места, Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите“, нагласи Иванов.

Тој истакна дека силата на Македонија е во нејзината отвореност и поврзаност и дека Македонија од првиот ден на неговиот мандат, во надворешната политика го промовира принципот на отвореност кон сите и води автентична македонска политика којашто дава резултати.

Ги негуваме старите и создаваме нови пријателства и партнерства. Македонија е земја-кандидат за членство во Европската унија и НАТО, и е подготвена за економска соработка со новите растечки економии во светот.Како претседател ќе продолжам со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.За нашата подготвеност зборуваат и петте позитивни извештаи и петте препораки на Европската комисија за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата! Го бараме она што сме го заслужиле. Ни повеќе, ни помалку од тоа! Како за другите, така и за нас.Македонија е одговорна држава, која сериозно ги сфаќа своите обврски на евроинтеграцискиот пат. Способни сме и решени сме додека се движиме кон членството во Европската унија сами да ја создаваме Европската унија во Македонија, посочи Иванов.

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека веќе 23 години се соочуваме со притисоци, уцени и блокади од нашиот јужен сосед, кој од нас бара да престанеме да бидеме тоа што сме.

„Веќе 23 години од нас се бара да се откажеме од тоа што сме биле, што сме и што мора да бидеме. Од нас се бара да се откажеме од сопствениот идентитет. Човек може да се откаже само од она што му е дадено и стекнато. Идентитетот не ни е даден ниту е стекнат. Идентитетот го имаме. И покрај сите притисоци, блокади и уцени, и покрај сите невистини, издржавме. И ќе издржиме. Работите се менуваат и ќе продолжат да се менуваат. Полека, но сигурно, невистината се повлекува пред вистината, како што темнината се повлекува пред светлината.Јужниот сосед останува сè поосамен пред вистината! Нема ниту една држава, ниту една влада и ниту една сила која може да им го оспори правото на Македонците да бидат Македонци“, потенцираше Иванов кој додаде дека Македонија не бега од дијалог и сака да соработува и покрај разликите.

Тој нагласи дека македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања.

„Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој освен македонските граѓани нема право да одлучува за иднината на Македонија. За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум. Само доколку мнозинството од граѓаните, кои ќе излезат на евентуален референдум, се согласни со предложеното решение. Ниту еден поединец, ниту група граѓани или политичари, партија, влада или собрание, не може да оди против волјата на народот“, дециден беше Иванов.

Иванов нагласи дека и во иднина како врховен командат ќе се грижи за Армијата на Република Македонија чии припадници се одликуваат со посветеност и професионализам, со патриотизам и со лојалност, а ќе работи и на подобрување на македонската економија, привлекувањето на инвеститори, отворање на нови работни места и инвестициите во образованието.