Иванов: Од Словенија се најавува конкретна инвестиција во Неготино

„Досега се отворени околу 120.000 нови работни места. До крајот на годината ќе се создадат услови за уште 10.000 нови работни места. Невработеноста е со најниска стапка во последните 17 години. Напорно работиме да продолжиме со овој тренд за граѓаните да можат да работат и да заработуваат пристојна плата, тука, во Македонија, во своите родни места. Создаваме нови можности за младите да работат, да формираат семејства, и да ја планираат иднината на своите деца,“ изјави Ѓорге Иванов пред неготинчани.

Тој додаде дека до сега, во технолошко-индустриски развојните зони низ Македонија се вработени околу 7000 лица, а се очекува до крајот на 2014 година, бројката да достигне 13.000 луѓе.

„Неготинчани се вработени и во дел од индустриските капацитети што се отворија во овој регион. Германската фабрика „Дрексел Мајер“, туниската компанија „Кофикаб“ и „Алајанс уан“.Од Словенија веќе е најавена и конкретна странска инвестиција во Неготино.Нашите напори вродуваат со плод.Посветени на индустријата, не го забораваме земјоделството. Напротив. Еден од столбовите на мојата програма е земјоделството. Сакаме Македонија да биде напредна земјоделска земја. Досега се исплатени половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Инвестирањето ќе продолжи за да се отворат многу нови работни места.Неготино живее од лозјето. За да се развие винската индустрија и винскиот туризам, во општина Неготино се понудени на продажба градежни парцели во Курија, Црвени Брегови и Неготино. На странските државници честопати им давам македонски вина како протоколарни подароци. Со тоа се отвора патот за македонското вино во светот,“ истакна Иванов.

Според него, македонските производи се надалеку познати и барани па оттука ќе ги брендираме и ќе ги заштитиме.

„Еден од моите столбови е и образованието. Со долгорочно инвестирање во образованието, Република Македонија ќе стане земја во која секоја година ќе се отвораат нови работни места, токму поради тоа што ќе имаме сè повеќе високообразовани луѓе. Се инвестира и во Неготино.Инвестирањето во инфраструктурата е инвестиција за економскиот раст и  за развојот на Македонија. Инвестирајќи во инфраструктурата, ние инвестираме во поврзување на пазарите, луѓето и услугите. Ќе се обнови и железничката пруга од Ногаевци до Неготино во должина од 30 км. Со ова ќе привлечеме нови инвестиции и ќе создадеме услови за нови работни места во Неготино,“ рече Иванов.