Македонија,Политика

Иванов: Оние кои ги бојкотираат претседателот и Собранието, всушност ја бојкотираат волјата на народот

Иванов: Оние кои ги бојкотираат претседателот и Собранието, всушност ја бојкотираат волјата на народот

Изборите одредија кој ќе биде претседател, кој пратеник, кој ќе ја составува Владата, кој ќе управува со државата во наредните години. Од нив се бара посветеност и одговорна работа. Сериозност и промисленост. Секој што добил мандат мора да е свесен и одговорен за ова.

Ова го истакна претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, во своето инаугуративно обраќање по потпишувањето на свечената изјава.

-Токму тој мандат, токму таа доверба, денес некои опозициски партии ја доведуваат во прашање, одбивајќи да ги признаат резултатите од изборите. Како претседател, загрижен сум за тие реакции и постапки, бидејќи сум и нивен претседател. Денес јасно ќе кажам: Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата „претседател на Република Македонија“, всушност ги бојкотираат граѓаните кои гласале на претседателските избори. Оние што го бојкотираат Собранието за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните, кои гласале и за нив, истакна Иванов.

Претседателот воедно во името на граѓаните повика да се надминат теснопартиските и личните интереси.

-Ја повикувам опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности. Демократијата функционира кога се почитуваат правилата на играта, кога се почитуваат Уставот и законите, кога се почитува слободно изразената волја на избирачите на изборите, каков и да е резултатот, потенцираше Иванов, кој додаде дека ќе направи се што е во рамките на неговите надлежности да ги унапреди дијалогот и соработката внатре во институциите на државата.

Тој посочи дека бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и волјата на граѓаните, но и потценување на демократската зрелост на македонските избирачи.

Иванов нагласи дека за првпат во историјата на Република Македонија, претседателските избори минале без ниту еден приговор до ДИК.

Тој е убеден дека и наредните избори во Македонија ќе го задржат, па дури и надминат, стандардот што го поставија избирачите и институциите.