Иванов:Останувам посветен на македонскиот модел на соживот

 Пет години како претседател на Република Македонија не отстапив од заветот на илинденците. Бев претседател на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност, порача кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов попладнево пред крушевчани.

Пред граѓаните на Крушево, Иванов посочи факти за чесно и одговорно извршената функција во неговиот петгодишен мандат и реализацијата на програмата од 2009 година.

krusevo ivanov2

„Фактите зборуваат дека чесно и одговорно ја вршев функцијата: 450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави. На секоја средба, на секоја посета работев на обезбедување квалитетен живот за моите сограѓани“, рече Иванов.

Нагласи дека ќе остане посветен на македонскиот модел на соживот, што е врежан во Крушевскиот манифест.

krusevo ivanov 3

„Тоа е наша вредност и завет од илинденците. Како народен човек, никогаш не го заборавив народот. Ги посетив повеќето општини, градови, населени места во Македонија. Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани. Секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. На оние што бараа помош се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности“, додаде Иванов.

Досегашната соработка со Владата, посочи дека вродила со видливи резултати. Потсети на визната либерализација, петте позитивни извештаи и препораки за почеток на преговорите за членство во ЕУ, странските инвестиции,…

krusevo ivanov 5

„Резултатите од досега направеното се видливи. Знаеме што треба да се направи понатаму. Покажавме дека знаеме да ги реализираме целите и  да ги остваруваме проектите. Денес повторно сум меѓу вас и со чист образ повторно ја барам вашата доверба за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност, да работам за Македонија“, рече Иванов.

Барајќи ја довербата од крушевчани потсети ан неговите цели: Европа во Македонија и Македонија во Европа, Држава и економија кои создаваат нови работни места и Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите.

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе продолжи да се залага за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО, а блокадите од јужниот сосед да ги надминува со реформска работа дома, и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор.

„Мојот став е јасен. Нема да прифатам промена на Уставот, со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени“, истакна Иванов.

Македонските граѓани, нагласи тој, сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Тоа ни е оставено од нашите илинденци.

„Со секоја спроведена реформа, со секој донесен и спроведен закон, со секоја подобрена јавна услуга, со секој нов пат, ново училиште, нова болница, спортски терен, продолжуваме да ја градиме Европа во Македонија. Да ја приближуваме Македонија кон Европа. Европа ја градиме во Македонија со секое ново работно место“, рече Иванов.

Доколку добие нов мандат посочи дека приоритетна цел ќе му биде економскиот раст и развојот на Македонија, за доброто на граѓаните, држава и економија кои создаваат нови работни места.

„Главниот потенцијал на градот е туризмот. Се инвестира и во зимскиот и во спортскиот и во културно-историскиот туризам. Прославата на Илинден, 10-те дена Крушевска Република, Етно-град, крушевската софра, параглајдерството, привлекуваат многу туристи од Македонија и од странство. Треба да ни биде заедничка цел туристичката сезона во Крушево да трае цела година“, додаде претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа година, Крушево е престолнина на културата. Крушевчани ќе бидат домаќини на многу учесници и посетители на настаните, градот ќе заживее. Со отворањето на туристичката развојна зона за Крушево, според него, ќе се отвораат многу нови работни места.