Иванов оствари средба со амбасадорот Хајндл

Претседателот на Република Македонија,  Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Јоханес Хајндл, личен претставник на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Претседателот Иванов и амбасадорот Хајндл разговараа за актуелните случувања на политички план во Република Македонија и беа разменети информации и мислења за можностите и начините за надминување на предизвиците на политичката сцена во земјата.

На средбата се разменија мислења и за состојбата поврзана со мигрантската и бегалската криза, како и влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справување со истата.

Двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија е неопходно да има функционални државни институции кои ќе можат професионално, навремено и ефикасно да одговорат во справувањето и превенцијата со заканите. Во таа насока, соговорниците истакнаа дека сите политички чинители треба да покажат одговорност, конструктивност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека како и досега, така и во иднина ќе постапува единствено според Уставот и Законите на Република Македонија и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.