Иванов оствари средба со грчкиот министер за нaдворешни работи Коѕијас

Иванов оствари средба со грчкиот министер за ндворешни работи Коѕијас, фото: МИА

Претседателот Ѓорге Иванов денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕијас, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција. Во тој контекст, претседателот Иванов го поздрави усогласувањето на мерките за доверба меѓу двете земји, оценувајќи дека тоа претставува значаен чекор за натамошно унапредување на билатералните односи и може да придонесе за создавање позитивна атмосфера за надминување на разликата околу името.

Иванов оствари средба со грчкиот министер за ндворешни работи Коѕијас, фото: МИА
Иванов оствари средба со грчкиот министер за ндворешни работи Коѕијас, фото: МИА

Претседателот Иванов констатираше дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу двете општества никогаш не била на подобро ниво и порача дека политичарите треба да ја следат таа нова реалност што постои меѓу општествата, граѓаните и бизнис-заедницата на двете земји.

– Република Македонија опстојува на определбата за градење добрососедски односи и сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог да се бара решение за надминување на разликата за отвореното прашање, рече претседателот Иванов.

Иванов ја истакна подготвеноста од македонска страна за натамошно јакнење на соработката со Република Грција во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст ја реафирмираше подготвеноста за средба со неговиот грчки колега, претседателот Павлопулос.

Иванов оствари средба со грчкиот министер за ндворешни работи Коѕијас, фото: МИА
Иванов оствари средба со грчкиот министер за ндворешни работи Коѕијас, фото: МИА

На средбата, како што стои во соопштението, беа разменети мислења за севкупните состојби во регионот, во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Иванов нагласи дека интеграцијата на државите од Западен Балкан во ЕУ е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој и порача дека ЕУ мора да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нејзина најуспешна политика.

Двајцата соговорници се согласија за неопходност од соработка и доверба на македонските и грчките разузнавачки и полициски служби за заканите со кои се соочува регионот, но и за заканите по националната безбедност на двете држави, се наведува во соопштението.