Иванов оствари средба со потпретседателот на црногорската влада

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими потпретседателот на Владата и Министер за надворешни работи и евроинтеграции на Црна Гора, Игор Лукшиќ.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот, на средбата соговорниците изразиле задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Црна Гора и беа реафирмирани заедничките стратешки цели, мир и стабилност во регионот и членство во европските и евроатлантските структури.

Претседателот Иванов ја поздрави одличната политичка соработка и континуираните средби на сите нивоа и истовремено потенцираше дека економската соработка, инвестициите и инфраструктурното поврзување меѓу двете земји, како и регионалната соработка и соработката во евроатлантските интеграции, треба да бидат врвни приоритети во натамошните односи меѓу двете земји, се вели во соопштението од Канцеларијата на претседателот.

На средбата било изразено и заемно задоволство од потпишувањето на Протокол за колокација на дипломатско-конзуларните претставништва.