Иванов оствари средба со жителите на Бутел и Радишани

Претседателот Иванов денеска оствари средба со граѓаните на населбите Бутел и Радишани,  а исто така се сретна и со здружението на пензионери. Тој  нагласи дека и во иднина во фокусот на неговата агенда ќе биде економскиот развој  на Република Македонија, со цел подобар живот на населението и создавање подобра иднина за младите луѓе во Македонија.

Жителите на општина Бутел ја поздравија изградбата на спортски терени, фудбалски игралишта и паркови на територијата на општината, како и изградбата на новото основно училиште „Живко Брајковски“  во населбата Бутел 1.

На средбата со претседателот Иванов,  пензионерите од општина Бутел, ги поздравија  мерките кои ги презема Владата, како што е континуираното покачување на пензиите, и други поволности во однос на користење на јавен автобуски превоз, бесплатна бањско-климатска рекреација.

Претседателот Иванов посочи дека грижата кон старите лица е обврска на сите и на државата и дека ќе се придонесе за унапредување на положбата на пензионерите.

За време на посетата на општина Бутел, претседателот Иванов беше придружуван од г-ѓа Гордана Јанкуловска, актуелен  министер за внатрешни работи и носител на изборната единица 2 од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори.