Иванов: Отсуството на ЕУ и НАТО може да ја загрози стабилноста на Балканот‎

– Ние на Балканот го чувствуваме отсуството на Европската Унија и на НАТО, што може да ја загрози стабилноста на Балканот. Во последниов период слушаме реторика и гледаме постапки кои по многу нешта потсетуваат на периодот што мислевме дека е далеку зад нас – периодот на распадот на една заедничка поранешна држава. Долго време не ги коментирав изјавите и постапките на некои политичари од соседството затоа што верував дека само со игнорирање можат да се изолираат, посочи претседателот на Република Македонија.

Во говорот пред амбасадорите претседателот Иванов ги истакна придобивките на македонскиот инклузивен демократски модел и додаде дека Република Македонија не се срами и не се обидува да ја потиснува својата мултиетничка, мултирелигиска и мултијазична традиција, туку напротив истата ја институционализираше.

– Затоа, на некои лидери од соседството би им препорачал и тие да се соочат со вистината за етничката, религиската и јазичната различност на нивните општества. Би им препорачал да поведат повеќе сметка за етничките, религиските и јазичните заедници кои живеат во нивните држави, во согласност со врвните меѓународни норми и стандарди. Подготвени сме да им помогнеме на тој план со нашите позитивни искуства и научени лекции, порача македонскиот претседател.

Иванов им порача на дел од балканските лидери да се посветат на сопствените внатрешни предизвици.

– Наместо енергијата да ја трошат занимавајќи се со слабостите на другите држави, некои лидери од соседството е подобро најпрво да се свртат кон слабостите на сопствените држави. Граѓаните ги избрале за да ги решаваат нивните, а не проблемите и предизвиците на другите држави, порача Претседателот.

Иванов додаде дека како регион немаме време да се занимаваме со ретроградна реторика и неконструктивни чекори, туку треба заеднички да се посветиме за успешно да се справиме со сите предизвици.

– Неопходно е да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Неопходно е да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион на безбедност, мир и благосостојба, порача македонскиот претседател.

Иванов не ја коментираше политичката криза, само изрази очекување дека политичките партии во постизборните преговори ќе водат сметка за државните интереси на Република Македонија и за националните интереси на македонскиот народ.

– Нема да ве потсетувам дека статус кво состојбата во европската и во евроатлантската интеграција е дел од проблемот, а не од решението на политичката криза во Македонија, порача Претседателот пред амбасадорите.

Иванов се осврна на мигрантската криза и злоупотребата на масовната миграција, и посочи на  два клучни предизвика –  да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите и да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген-територија.

Претседателот истакна дека и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции во управувањето со мигрантската криза и намалувањето на безбедносните ризици и им заблагодари на сите европски држави кои помогнале на овој план.

На дипломатскиот прием, што традиционално го приредува претседателот Иванов по повод новогодишните и божиќните празници, се обрати и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак.

– Пред месец дена и рековме збогум на 2016 која беше многу тешка и болна за целата меѓународна заедница, која поради хроничната, заемна недоверба, конфликтна интерпретација на меѓународното право и основните принципи на суверенитет и независност, невидено досега големо ниво на двојни стандарди и медиумски војни, не успеа да се обедини во војната против вистинските закани и предизвици – меѓународниот терроризам, илегалната миграција, јазот помеѓу богатите и сиромашните, климатските промени и нестабилната светска економија, рече Шчербак.

Тој додаде дека поради сето ова и понатаму се соочуваме со растечка безбедносна криза и односи на раздор кои ги отвораат старите рани и за малку не врати назад во атмосферата на „студената војна“.

Во името на дипоматскиот кор рускиот амбасадор им посака на Македонија и нејзините граѓани среќа, мир, стабилност и просперитет.

Во рамки на дипломатскиот прием, што според воспоставената практика се одржува надвор од главниот град, претседателот Иванов и членовите на дипломатскиот кор утре ќе ја посетат општина Вевчани, црквата „Св. Никола“ и Вевчанските извори.