петок, 25 ноември 2016  |  Вести денес: 21

Иванов: Политичка култура на поделеност е само елегантно име за политичка некултура

ivanov-sobranie

Поврзани вести

Според претседателот Ѓорѓе Иванов извештајот на Европската унија е објективен и како што нагласи, во една реченица во него дури е посочен и коренот на повеќето кризи со кои се соочуваме, а тоа е дека „недостатокот од политички дијалог и тешкотиите при постигнувањето консензус околу прашањата повторно ја истакнаа политичката култура на поделеност во земјата.“

Исправете ме ако грешам, но политичка култура на поделеност е само елегантно име за политичка некултура. Ова е лекција како не треба да се однесуваат политичките партии. Граѓаните ја дале довербата затоа што очекуваат напредок, а не назадување на веќе изградените вредности. Можеме да се тешиме со тоа што ќе истакнеме дека стагнацијата е последица на блокадите. И тоа е точно. Постојано апелирав кај Европската унија да го промени својот однос кон Македонија. Ја користам секоја прилика на нашите соговорници од Унијата да укажам на спиралата на блокадите. Дека секоја блокада создава услови за нови блокади, истакна Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред пратениците во македонското Собрание.

Потенцира дека ја уважува улогата на меѓународните посредници што се вклучени во надминувањето на оваа, како што рече, сериозна политичка криза, но, истовремено, токму од меѓународната заедница бара да ја отстрани главната причина за создавањето на последните политички кризи, а тоа е статус кво состојбата во интеграциите на Република Македонија.

Во евроинтеграциите потребен ни е нов пристап

Во процесот на евроинтеграциите потребен ни е нов пристап, и тоа двострано. Ние треба да го промениме нашиот пристап кон ЕУ, кон нашите европски приоритети и реформски процеси. Седум години имаме слични забелешки во извештајот на Европската комисија. Треба безусловно да се фокусираме на реформите и да престанеме да чекаме некој друг да ги заврши работите наместо нас. Кога велам нас, мислам и на власта и на опозицијата, и на судството, и на образованието, на сите сфери. Но, исто така и Унијата и НАТО треба да го променат својот пристап кон нас. Да не одолговлекуваат и да не бараат изговори за нови блокади, порача претседателот.

Како што рече, извесноста и достижноста на македонската европска интеграција решително ќе го придвижи македонското општество кон достигнување повисоки вредности, кон посилен економски и посуштествен демократски развој.

Претседателот на државата рече дека сегашната состојба во евроинтеграцискиот процес делумно е резултат и на неодговорното однесување на политичките партии, иако за состојбата повеќегодишно влијание има и спорот со Грција за разликите околу името на Македонија.

Европската комисија долго време го одлагаше извештајот за напредокот, бидејќи постоеше опасност сами да си ја одложиме иднината. А можеше да си ја одложиме со нашето неодговорно однесување. И сè уште можеме. Наместо извештај за напредок, добивме извештај за стагнирање. По седум години наместо датум за членство добивме условна препорака. Се разбира, главна причина зошто Македонија е блокирана е грчкото вето. Тоа никој не може да го оспори. Но, кога знаеме дека е тоа така, тогаш зошто, покрај овој постоечки, да создаваме и нов, внатрешен проблем? Пречка за интеграциите веќе не е само наметнатиот проблем со името, тукуи проблемот што го имаме со самите себе. За жал, и овој пат, оставивме тој проблем да ни го решаваат други, рече македонскиот претседател.

Најчитани вести