Претседателот Иванов помилува 174 затвореници

Со одлуката, целосно се ослободуваат од натамошно издржување на казната затвор 54 лица, а делумно 120.

Претседателот на Република Македонија со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната.

Со помилувањето може да се определи укинување или пократко траење на овие казни: забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило на сторителите кои се возачи по занимање и протерување на странец од земјата.

Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето од Глава дваесет и прва: кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членoт 215 и кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членoт 216 и за кривични дела против човечноста и меѓународното право од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик.

Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.