Македонија

Иванов: Површната реторика да ја замениме со конкретни дела

Иванов: Површната реторика да ја замениме со конкретни дела

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов се обрати до 150 шефови на држави и влади кои во Бурѓе-Париз учествуваат на Конференцијата за климата, при што побара „правно обврзувачки договор за климата, применлив за сите“, пренесува МИА.

– Денес, во Париз, кога сме собрани да постигнеме мир со природата, загрижува што нема мир меѓу луѓето. Во време кога се обидуваме да го склучиме последниот договор што треба да ни овозможи одржлив развој, на повидок е сериозна безбедносна бура што може да однесе сè што  досега е направено, рече на почетокот од својот говор претседателот Иванов.

Македонскиот претседател притоа нагласи дека како што е неопходно да бидеме здружени во борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, така мора да бидеме здружени и во напорите за постигнување климатски договор.

– Како што ни е неопходен мир меѓу луѓето и народите, така ни е неопходен и мир со природата. А мирот е невозможен без правда и кон луѓето и кон природата, истакна македонскиот претседател.

Иванов, како и другите говорници, предупреди на кревкоста на рамнотежата меѓу човештвото и природата.

– Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата и ја загрозивме иднината на нашите потомци. Денес сме тука за да се обидеме да ја избегнеме провалијата кон која се стремиме. Денес сме тука за да покажеме дека имаме доволна политичка волја за да се соочиме со реалноста на глобалното затоплување, рече тој.

Претседателот Иванов, притоа потсети дека Република Македонија веќе ги има утврдено националните придонеси кон климатските промени.

ivanov-OON

– Нашиот став е јасен. Се залагаме за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и применлив за сите земји. Овој сеопфатен договор треба да содржи конкретни чекори за ублажување и адаптација кон климатските промени, за финансирање, јакнење на капацитетите и трансфер на технологии. Треба да содржи начин на спроведување и транспарентност на активностите и поддршка. Во рамките на нашите можности ќе се придржуваме кон таков климатски договор. Тоа е наш став и како претседавач со Централно европската иницијатива, рече Иванов.

За претседателот на Републиката, тука, во Париз треба конечно да се затвори кругот на одговорност. Но, за да го направиме тоа неопходна е подлабока промена.

– Очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција. Очекуваме, краткорочните, да ги замениме со долгорочни решенија. Културата на расфрлање да ја замениме со култура на одржливост. Себичните интереси да ги замениме со интересите на човештвото. Површната реторика да ја замениме со конкретни дела. И тоа не заради нас, туку заради нашето потомство, рече на крајот од својот говор Иванов.