Македонија

Иванов: Прашањето за името да биде последното поглавје од преговорите со ЕУ

Иванов: Прашањето за името да биде последното поглавје од преговорите со ЕУ

Прашањето за името да биде 35.поглавје во пристапните преговори за членство во ЕУ. Она што нас не блокира во однос на билатералната разлика што ја имаме со една земја членка на ЕУ и НАТО, тоа што Грција нам ни го прави постојано, треба да се надмине, Македонија да ги почне преговорите, а тоа да се остави за крај за да може да се најде начин тоа прашање да се затвори. Ова е ицијативата на претседателот Ѓорге Иванов дадена на „Брдо-Бриони Процесот“ што се одржа во Будва, Црна Гора, пренесе МИА.

– Македонија беше и дел од темите каде сите соговорници изразија загриженост за она што се случуваше во Куманово, но и она што како политички дијалог подолго време во Македонија стагнира, изјави Иванов по Самитот.

Тој информира дека претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар Китаровиќ, изразиле  желба во најскоро време да дојдат во Скопје и на некој начин да го потврдат присуството на Унијата и во Македонија, затоа што, како што рече, земјата се соочува со прашања кои веќе не се технички.

– Многу членки на ЕУ проширувањето го третираат како техничко прашање. Случајот со Македонија покажува дека проширувањето е политичко прашање, дека не зависи се од Европската комисија туку зависи од одлуката на Европскиот совет да даде датум за почеток на преговорите. Во тој контекст беше и мојата иницијатива, истакна Иванов.

Тој ја потенцира и иницијативата на претседателите на Словенија и Хрватска да испратат писмо до претседателот на Европскиот совет за Советот да има поголемо присуство во нашиот регион. Иницијативата е Европскиот совет да биде повеќе  преокупиран со нашиот регион, рече Иванов.

Додаде дека за разлика од некои други членки на ЕУ и НАТО од нашиот регион кои го блокираат процесот на проширување, Словенија и Хрватска имаат силна иницијатива целиот регион да биде дел од ЕУ и тие што сакаат во НАТО, така што нивните иницијативи кои на минатите самити беа посветени на инфраструктурата, енергетиката, сега се насочуваат кон безбедноста.

– Има најава за посебен форум посветен за прашања од безбедноста, нешто што е актуелно и кај нас во Македонија, но и во целиот регион. Така што, наспроти декларативноста што ја имаме на други собири, кај овој процес постои конкретна иницијатива од земјите кои се членки на ЕУ, Унијата што повеќе да е присутна во нашиот регион и секоја земја поединечно да напредува во процесот на интеграциите, рече Иванов, притоа изразувајќи благодарност до Словенија и Хрватска кои го иницираа „Брдо-Бриони Процесот“ и овозможија досега на него да присуствуваат францускиот претседател, германската канцеларка Ангела Мерка и денеска австрискиот претседател Хајнц Фишер.

Прашањата за безбедноста, прашањата со странските борци од нашиот регион кои се присутни на боиштата на Блискиот исток, како што рече македонскиот претседател, се закана за сите наши држави, но и за самата ЕУ.

– Се надеваме дека во идниот период овие иницијативи што денеска беа покренати, особено писмото на словенечкиот и хрватскиот претседател до претседателот на Европскиот совет ќе бидат оние конкретни ефекти од денешниот процес во Будва, истакна претседателот Ѓорге Иванов.

Коментирајќи ја иницијативата на преседателот Иванов, хрватскиот претседател Грабар-Китаровиќ рече дека за тоа прашање треба да се постигне договор внатре во Европската унија.

– Како Хрватска се залагаме за решавање на тоа билатерално прашање, ќе поттикнуваме тоа да се реши, бидејќи е пречка не само за членство на Македонија во ЕУ, туку очигледно и за НАТО. Во овој момент можам само да ги охрабрам двете страни да најдат заедничко решение, рече Грабар-Китаровиќ.