Иванов пред Советот за безбедност побара да се почитуваат резолуциите за името

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера првпат се обрати на Советот за безбедност на Обединетите нации, свикан од претседателот Барак Обама за справување со растечката закана од тероризмот.

Во своето обраќање, претседателот Иванов го поврза застојот во интеграциите со безбедносната состојба во регионот, и ги повика САД и Европската Унија да не оставаат вакуум на балканскиот простор. Во таа насока, претседателот Иванов побраа со почитување на резолуциите донесени токму во Советот за безбедност за спорот меѓу Македонија и Грција, да продолжат интеграциите како на Македонија, така и на остатокот од балканските земји, пренесува МИА.

– Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. А сите знаеме дека не постои вакуум во геополитичкиот простор, порано или подоцна вакуумот се стреми да биде пополнет. Европската Унија не смее да заборави дека Балканот е дел од Европа и дека одлагајќи го проширувањето, си создава проблем на сопствената територија. Неопходно е час поскоро да се интегрираат сите земји од Западен Балкан во Европската Унија. Дами и господа, веќе нема време и изговори за блокирање во европските и евроатланските интеграции и иницијативи. Нашиот регион е ранлив исто како и Европа, изјави претседателот Иванов во Советот за безбедност, истакнувајќи што, според него, би бил најзначајниот придонес кон стабилизирање на регионот и со тоа сузбивање на натамошното ширење на радикалн идеологии.

Претседателот Иванов во настапот во Советот за безбедност го претстави спорот за името и грчкото кршење на преземената обврска да не се попречува приемот на Македонија во НАТО.

Претседателот Иванов грчката политика кон Македонија ја претстави како закана за стабилноста на регионот. Иванов побара од Советот за безбедност, како водечка светска институција, да се погрижи да се спроведе пресудата на Меѓународниот суд на правдата и Македонија да стане членка на НАТО.

– Со нелегалната блокада на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО се врши сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот. На почетокот бевме блокирани во Обединетите нации, поради името на државата. Сега сме блокирани во НАТО и во Европската Унија, не само поради името, туку и поради јазикот и идентитетот на нашите граѓани. Блокирањето е резултат на непочитувањето на резолуциите 817 и 845 од 1993 година, донесени токму од овој Совет за безбедноста, изјави претседателот Иванов.

Со вонредната седница на Советот за безбедност, на која се обратија над 50 шефови на делегации, претседаваше лично претседателот Барак Обама. Ова е само вторпат во историјата на Обединетите нации американскиот претседател лично да застане на чело на Советот. Првиот
пат тоа се случи во 2009 година, исто од страна на Обама, кога претседателот свика седница за справување со нуклеарното оружје. Додека мала, но гласна група анти-воени демонстранти протестираа пред
зградата на Обединетите нации, Обама рече дека државигте кои се поканети да зборуваат пред Советот, се држави кои се најдиректно изложени на заканата на ИСИС, или пак даваат значителен придонес кон
сузбивање на терористичката закана.

– Со загриженост можам да констатирам дека Балканот веќе станува база
за регрутација и радикализирање на нови странски борци за глобален џихад. Странските борци од Балканот во ИСИЛ и Џаб хат ал Нусра се групирани во етно-национални одреди за да ја изведат џихадистичката идеологија во нивните матични држави. Некои се таму веќе три години. Други сега им се придружуваат. Некои ќе останат таму, но некои најверојатно ќе се вратат на Балканот, и кога ќе се вратат, со себе ќе ја донесат својата омраза кон различностите, својата погубна идеологија со која ќе ги иницираат нашите ранливи општества и држави, предупреди претседателот Иванов од говорницата на Советот за безбедност.

Според претседателот, покрај интегрирање на регионот во НАТО и во Европската Унија, како трет чекор кој ќе придонесе за борбата против радикалните групи и заканата од создавање “балкански калифат”, би било создавање регионален центар за борба против тероризмот кој би ги обединил земјите од западен Балкан и нивните безбдносни служби во утврдување на заканите, размена на информации и координирање на активностите на безбедносните служби.

Одржувањето на седницата на Советот за безбедност се одржа во сенка на американските напади врз позиции на групата ИСИС во Сирија, но и на
убиството на француски турист од страна на исламисти во Алжир.

Иако првично најавен дека нема да зборува на седницата на Советот за безбедност, францускиот претседател Франсоа Оланд сепак се обрати, притиснат од драматичниот настан. И други лидери на држави кои се најдоа притиснати од исламистичката закана, од австралискиот премиер Тони Абот, преку јорданскиот крал Абдула Втори до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обратија на седницата.

Претседателот Обама, кој повеќе од час и половина ја водеше седницата, изјави дека обврската која меѓународната заедница ја презема вчера ќе биде долгорочна. – Зборовите искажани тука мора да се преточат во дејсва, не само во деновите кои доаѓаат, туку и во годините пред нас, изјави Обама.

Еден исклучок во седницата беше подолгиот настап на аргентинската претседателка Кристина де Кирхнер, која го обвини САД дека ги вооружувале и обучувале исламистите во Сирија, во почетокот на нивната
борба против режимот на Башар ал Асад, за сега да бараат коалиција против нив.

На крајот Советот едногласно усвои резолуција со која се обврзуваат членките на Обединетите нации да им забранат на своите државјани да се зачленуваат во странски терористички групи.