Иванов приреди традиционален прием за дипломатскиот кор

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод божикните и новогодишните празници, вечерва приреди традиционален прием за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во државата.

Во своето обраќање, шефот на држаата Иванов им се заблагодари за ангажманот на пријателските и партнерски држави, како и на еврокомесарот Јоханес  Хан за неговите заложби за спроведување на политичкиот договор.

– Годинава некои од вас дипломатите беа на масата каде што се одвиваше дијалогот меѓу лидерите на политичките партии во Република Македонија. Како претседател жалам  што политичкиот дијалог излезе од институционалните рамки. Морам да истакнам дека сум непријатно изненаден од несериозното однесување и немањето чувство за државност кај некои од лидерите на политичките партии. Истовремено, благодарен сум за ангажманот на пријателските и партнерски држави. Благодарен сум за заложбите на еврокомесарот Јоханес  Хан за спроведување на  политичкиот договор и ја поздравувам подготвеноста на Европската унија да обезбеди целосна поддршка и гарантирање на слободни и фер избори, нагласи меѓу другото претседателот Иванов.

На традиционалниот годишен прием за дипломатскиот кор во земјава, претседателот Иванов потсети и на актуелните состојби поврзани со мигрантите и бегалците кои минуваат низ Република Македонија.

– Зад нас оставаме година на важни крстосници и храбри одлуки. Година кога низ Република Македонија минаа стотици илјади бездомни мигранти и бегалци. Година во која мирот и соживотот беа мета на насилни екстремисти и терористи. Во услови на досега незапаметен сплет на политички и безбедносни предизвици, одлучно се соочивме со речиси се’ што ни донесе годината. Самоуверено и одлучно се справувавмесо предизвиците. Како држава, изненадивме многумина кои не очекуваа територијално мала држава како Македонија да биде толку отпорна и цврста пред заканите. Ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои во Македонија почнуваат да гледаат се’ по значаен партнер, партнер на кој може да сметаат, посочи Иванов.

Во обраќањето пред претставниците на дипломатскиот кор во Република Македонија, претседателот Ѓорге Иванов упати порака за почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски.

Традиционално, на годишниот прием за дипломатскиот кор обраќање имаше и доајенот на дипломатскиот кор во Република Македонија, а годинава тоа го направи амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак.

Амбасадорот Шчербак во своето обраќање меѓу другото истакна дека дијалогот секогаш обезбедува поголеми стандарди и отиа во 2016 година очекува многу поголем развој и напредок за што е потребна тешка макотрпна но заедничка работа на сите кои сакаат мир и стабилност.