Македонија

Иванов приреди традиционален работен ручек за амбасадорите од Вишеградската група

Иванов приреди традиционален работен ручек за амбасадорите од Вишеградската група

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска беше домаќин на традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите- членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Унгарија, Јожеф Бенце, амбасадорот на Чешка, Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачка, Мартин Бежак и амбасадорот на Полска, Јацек Стефан Мултановски.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, теми на разговорите беа политичките односи, македонските евроатлатнски интеграции, соработката во сферата на економија, како и регионалната и мултилатералната соработка.

Претседателот Иванов изрази задоволство од високото ниво во билатералните односи и од плодниот политички дијалог меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група, кои се засновани на долга традиција на меѓусебно разбирање, пријателството и заемното почитување. Беше разговарано и за натамошна размена на посети на највисоко ниво.

Македонскиот претседател ја поздрави континуираната и принципиелна поддршка на земјите од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и особено силната поддршка кон Република Македонија за што поскоро започнување на преговорите за членство.

– Членството во ЕУ и НАТО е стратешки приоритет за Република Македонија, и потребно е позитивните препораки од Европската Комисија да се трансферираат во конечна одлука за датум за почеток на преговори, истакна претседателот Иванов, и додаде дека нелегалната блокада на заслуженото членство на нашата држава во НАТО е сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот, посочил Иванов.

Амбасадорите ги поздравија напорите на Република Македонија за што поскоро зачленување во ЕУ и НАТО, и изразија уверување дека земјите членки на Вишеградската група, како влијателен фактор во рамките на ЕУ, ќе продолжат со поддршката на европските и евроатлантските аспирации на земјата.

На средбата, соговорниците констатираа дека меѓусебната билатерална соработка континуирано се продлабочува, но дека постојат и неискористени потенцијали за поголема и сеопфатна соработка во голем број области од заемен интерес, а особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата, туризмот, како и земјоделството.