Иванов приредува прием на членови на дипломатскиот кор, оваа година во Гевгелија

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска во 19 часот во Гевгелија ќе приреди прием за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија.

На дипломатскиот прием, кој традиционално го приредува претседателот на Република Македонија по повод новогодишните и божикните празници, свои обраќања ќе имаат претседателот Иванов и доајенот на дипломатскиот кор, амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Кристофер Ивон.

Согласно воспоставената практика, дипломатскиот прием да се одржува надвор од главниот град, годинава, дипломатите ќе имаат можност да се запознаат со економските и културните карактеристики на општините во југоисточниот дел на Република Македонија.

Според програмата, утре, во претпладневните часови, е предвидено да се одржи презентација на инвестициските можности на општините Гевгелија, Дојран, Богданци и Валандово, да се посети Амамот, што датира од XIX век, како и посета на Националната установа – Музеј на Општина Гевгелија.

Македонскиот претседател и членовите на дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици ќе присуствуваат на црковниот чин – осветување на водите на Дојранското езеро и положување на Светиот крст.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.