Иванов: Присуството на Меркел покажа дека регионот повторно е во интерес на ЕУ

Доаѓањето на германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони процесот“ кажува дека нашиот регион повторно е во интерес на Европската унија, оцени денеска во Дубровник македонскиот претседател Ѓорге Иванов, пренесоа медиумите.

Пораките од Меркел, како што рече, беа многу оптимистички бидејќи кажа дека Македонија мора да биде членка на ЕУ и на НАТО и дека мора да се најде решение на овој спор, кој веќе долго време и нив ги оптоварува, а не само нас.

На состанокот, како што јавува известувачот на МИА, Иванов укажал дека мора да се дојде до решение за Македонија да ја напушти статус-кво состојбата.

Шефот на македонската држава детално ја запознал Меркел со статус кво состојбата на Македонија која е блокирана и во ЕУ и во НАТО, како и за можните последици од оваа состојба.

– Потенцирав дека таа состојба не му одговара на никого и дека мора да се вклучат лично и тие со нивни заложби да се дојде до некое решение, рече Иванов.

Тој нагласил позитивното искуство во регионот да се примени и кај нас, бидејќи, како што рече, имаме два позитивни примери на паралелно движење на преговарањето и наоѓањето заедничко решение меѓу Словенија и Хрватска, како и паралелниот процес меѓу Белград и Приштина. – Зошто тоа да не се примени и за Македонија, кога има можност на таков начин да се дојде до решение, изјави македонскиот претседател.

Иванов ја запознал Меркел со сите детали на спорот за името со Грција, и како што рече, за дваесетгодишното исчекување, како и за заложбите што Македонија досега ги презела за да се најде решение.

– Од нејзина страна беше потенцирано дека и тие се обидувале и ќе продолжат да помагаат во овој процес. Исто како што минатата година францускиот претседател Франсоа Оланд кажа дека Франција ќе се заложи и Меркел рече дека тие и досега преземале мерки, иако тоа не се знае во јавноста  и дека ќе продолжат да бараат решение, истакна Иванов.

Тој додаде дека Меркел посочила оти европска политика е за секој проблем дека мора да се најде решение преку компромис, односно да се разговара.

-Јас и укажав за нашата состојба дека ние впрочем нема со кого да разговараме, затоа што сите наши иницијативи и покани се одбиени. Освен со Нимиц, немаме од другата страна партнер со кој може да разговараме за да се дојде до решение, изјави Иванов.

Додаде дека сите биле согласни дека состојбата во Грција е деликатна и оти грчкиот премиер се соочува со многу предизвици и сега приоритети му се други прашања. – Меѓутоа ние инсистираме дека мора да бидеме на агендата на приоритети и да не бидеме оставени да се одлага нашиот проблем, рече Иванов.

Според него, Самитот во Дубровник е позитивен сигнал за целиот регион бидејќи се враќа интересот за него како привлечна дестинација и за странски инвестиции.

Тоа беше поддржано, како што рече Иванов, и од Меркел и влезе во заклучоците на Самитот дека на Балканот му е потребна една нова инфраструктура, која ќе создаде нов амбиент за соработка и на вмрежување за да можат младите генерации тоа да го користат.

Овој собир, како што нагласи, е почеток на Самитот што ќе се одржи со премиерите од целиот наш регион и министрите за енергетика и за економија во месец август. – Ова што го договаравме сега ќе биде ефектуирано на средбата на Меркел со премиерите од регионот и веројатно тогаш ќе имаме и конкретни решенија и заложби како да се помогне на овој процес, особено за Македонија, рече Иванов.

Пред учесниците на состанокот Иванов посочил дека Јадранско-јонската магистрала е значајна бидејќи не го поврзува само јадранско-јонскиот брег, туку сите автопатишта и патишта од регионот, овозможувајќи инвестициски развој.

Тој потсети дека пред пет години на сите регионални самити го потенцирал значењето на големите инфраструктурни проекти како што е оваа магистрала.

– Јадранско-јонската магистрала не го поврзува само јадранско-јонскиот брег, туку сите автопатишта и сите патишта од регионот и овозмможува сите инвестиции сега што ги правиме секоја земја одделно меѓу себе да се поврзат. Се отвора просторот, а тоа е нов амбиент во кој се создаваат луѓе со отворен ум кои комуницираат, разменуваат добра, трговија и добра, рече Иванов.

Додаде дека ова е проект, за кој освен ЕУ нема позаинтересиран субјект кој би влегол во таков мега проект.

Во однос на железничката пруга Истанбул-Минхен, преку Љубљана, Загреб и Белград, претседателот Иванов рече дека таа пруга се спојува и со нашите пруги и на тој начин  и ние се вмрежуваме, а тоа е основа за поголема соработка.